Општина Охрид добитник на наградата за Општина пријател на младите
По повод меѓународниот ден на младите на 12 август 2024 година, успешно се одржа завршната конференција „Општините пријател на младите – Младинското учество во фокус“ во рамки на проектот „Заедници инклузивни за млади“.
Со свои обраќања конференцијата ја отворија г.Фатмир Лимани, Министер за социјална политика,демографија и млади г.Александру Албу, Раководител на операции 2 во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Филип Ивковски Претседател на Национален Младински Совет на Македонија.
Министерот Лимани изјави „Како министер за социјална политика, демографија и млади во чија надлежност се и политиките за младите, верувам дека видливоста на младите во општеството и нивната вклученост во носењето на одлуките ќе ја подигнеме на едно повисоко ниво. Младите се во фокусот на Програмата за работа на Владата за 2024-2028 година, каде што се потенцира нејзината силна посветеност во создавањето на општество во кое младите ќе можат да напредуваат. Целите на Владата се создавање на неопходни услови за младите од Македонија да градат иднина дома, нивно зајакнување преку образование и развој на вештини, поттикнување на младинското учество во процесите на донесување одлуки и промоција на претприемништвото и иновациите.“
„Во фокусот на овогодинешниот Меѓународниот ден на млади решивме да ги поставиме локалните заедници и младите. Идејата е да дознаеме колку општините ср грижат за младите, какви политики креираат и дали испорачуваат соодветни и квалитетни одлуки до младите. Со изборот на “Општина пријател на младите” сакаме да ги истакнеме позитивните примери, а воедно да поттикнеме понатамошен развој и на останатите општини.“ – посочи претседателот на НМСМ Филип Ивковски.
На конференцијата говореа градоначалниците на Општина Кисела Вода и општина Крива Паланка, претставници на меѓународни и домашни организации кои беа дирекно вклучени во проектот како и останати претставници од организации кои работат за подобрување на младинското учество и младинските политки. На завршната конференцијата се претставија „Мониторинг извештај за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики“ и анализата за „Индекс за социjална инклузиjа на младите на локално ниво 2023 – 2024“ според која добитник на наградата за Општина пријател на младите е Општина Охрид.
Во таа насока, Претседателот на Совет на општина Охрид Перчо Божиноски изјави: „Младите се клучот за силен напредок и светла иднина. Голема е честа и одговорноста што токму на овој ден, Меѓународниот ден на младите ни е доделена награда на Општина Охрид издвојувајки се како оштина која е најотворена, икнлузинва и работи за младите. Особено сме горди на официјалното отварање на Младинскиот Културен Центар во Охрид покрај исполнување на преостанатите сервиси и механизми од Законот за младинско учество и младински политики. Овие сервиси им овозможува на младите да ги унапредат своите капацитети и да го зголемат своето учество во процесите на донесување одлуки. Општина Охрид останува отворена за соработка во насока на споделување на своите позитивни практики со останатите локални заедници.
Овој настан претставуваше кулминација на проектот „Заедници инклузивни за млади“ финансиран од Европската Унија, кој имаше за цел да ги ангажира младинските граѓански организации во поддршка на локалните заедници, искористување на постојните механизми за учество во локалните политики, и донесување одлуки поврзани со нивните потреби. Проектот беше имплементиран од Националниот младински совет на Македонија во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, Здружението за одржлив развој СФЕРА Интернешнал Битола и Платформата за зајакнување на младите од Гостивар.
WebOhrid / 12.08.2024 / Национален младински совет на Македонија – НМСМ