Општина Охрид: Граѓаните дадоа отворена поддршка за Проектот кој не е воопшто избрзан
Во врска со денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:
„Во насока на правилно информирање на јавноста, без намера да се препукуваме со опозицијата, сакаме да посочиме на следните факти:
– Граѓаните на Стар град дадоа отворена поддршка на проектот, кој напоменуваме дека не е воопшто избрзан и донесен на брзина, туку на него се работи сериозно повеќе месеци. Направена е и симулацијата како и снимање на состојбата кое покажа дека интензитетот на сообраќај е барем осум до десет пати поголем од нормалниот за оваа улична мрежа;
– остварени се средби и со станоиздавачите и голем број други граѓани од овој дел на градот, на кои им беше презентиран проектот;
– напоменуваме дека од УНЕСКО децидно бараат во стариот дел да нема воопшто сообраќај;
– Веќе се поделени околу 800 картички за непречен влез и тоа на жителите од Стар град, на оние кои не се жители, а кои имаат таму куќи, возило, на станоиздавачите, на оние кои имаат фирми и на доставувачите на роба.
– Начинот на кој се одвиваше сообраќајот на овој дел од градот и претходно беше ист, само ја немаше рампата кај Горна Порта. Години наназад улиците „Коста Абраш“, „Самоилова“ и „Македонски просветители“ од 20:00 до 05:00 часот беа забранети за сообраќај.
На крај би напоменале дека Охрид е туристички град, чија економија во добар дел зависи токму од оствареното во шпицот на сезоната. Токму затоа, апелираме пред сè до граѓаните на овој дел од градот, но и на останатите делови за максимално разбирање и колку што е можно да се намали користењето на возилата барем во текот на овој и следниот викенд. Да покажаме сите заедно дека сме најголемиот туристички центар во државата. Свесни сме за проблемите со кои се соочуваме, не сакаме да обвинуваме никого за истите. Ние работиме посветено и сакаме Охрид да не се „шминка“ со козметички и популистички потези, туку да се направи суштинска промена на подобро.
Тука граѓаните се нашите најголеми сојузници и ние заедно ќе го направиме Охрид подобро место за живеење.“ – стои во реакцијата од Одделението за односи со јавност при Општина Охрид.