23/11/2024
Охрид

Општина Охрид подготвено ги дочека врнежите од снег

Вршителот на должност, градоначалник Константин Георгиевски, утрово одржа работен состанок со членовите на Оперативниот штаб, директорите на јавните претпријатија и претставници од Територијалната противпожарна единица  со цел  преземање на активности и мерки за непречено движење на пешаците и одвивање на сообраќајот на територијата на Опптина Охрид, во услови на снег.

Од утрово екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ со работна сила и механизација се излезени на терен и со координирани активности работат на расчистување на уличната патна мрежа во населените централни градски подрачја и периферијата.

Екипи на ЈП „Проаква“-РЕ Водовод- Охрид, веќе го расчистија патот за с.Елшани, работат на патот кој води кон с.Коњско, а потоа ќе се расчистуваат и патиштата кои водат кон селата Велестово, Горно и Долно Лакочереј, Орман, Рамне и сите останати рурални средини.
Екипите на ЈП „Билјанини Извори“, покрај тоа што работат на расчистување на паркинзите со кои стопанисуваат, вклучени се и во расчистување на тротоарите во централното градско подрачје.

Екипи на останатите јавни претпријатија, потпомогнати со механизација и работна сила од рано утрово вршат расчистување на снегот по тротоарите низ целата територија на Општина Охрид.

Екипи на ангажираните компании со кои е склучен договор за зимско одржување, го расчистуваат снегот и ги посипуваат со ризла, патните правци кои водат кон селата Куратица, Речица,Свињишта, Завој, Опеница, Косел, Вапила, Ливоишта, Вапила-Расино и Вапила-Сирула.

Покрај механизација, од страна на јавните претпријатија, формирани се и работни екипи за расчистување на тротоарите и посипување со ризла,со цел непречено движење на пешаците.

Согласно утврдениот план за работа, веќе се расчистуваат тротоарите во централното градско подрачје. Се расчистува чаршијата, плоштадите,  улиците „Македонски Просветители“ и  „Туристичка“, населбата Воска со улицата „Гоце Делчев“, улиците „Питу Гули“, „Јане Сандански“, „Сирма Војвода“, „7-ми Ноември“, „Марко Нестороски“ и  „Кленоец“.

Од раните урински часови, се работи на расчистување на пристапните патишта кон детските градинки, основните и средни училишта, Општата Болница, Здравствен Дом „Маларична“ и меѓуградската автобуска станица.

Општина Охрид упатува апел до сите граѓани, согласно законот за јавна чистота   да вршат расчистување на снегот пред своите објекти, и да не го фрлаат  на коловозните ленти, со цел непречено одвивање на сообраќајот. Со намера расчистувањето да се одвива непречено, охриѓани треба да ги отстранат своите возила од јавни површини, тротоари и улици.

Активностите за расчистување на снегот ќе траат во текот на целиот ден. На терен ќе биде и в. д градоначалникот Константин Георгиески, кој во текот на денот ќе одржува и наредни работни состаноци со надлежните служби.