26/11/2024
Охрид

Општина Охрид продолжува непречено да ги реализира приоритетните и започнати капитални проекти

Непосредно по изборот, в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, вети дека целосно и посветено ќе се вложи во извршувањето на функцијата која ја сфаќа како огромна обврска кон прерано починатиот градоначалник Стојаноски кој прв ја изразил довербата кон него, кон советниците и кон сите граѓани на општина Охрид.

Во изјава за медиумите Георгиески посочи дека максимално ќе се вложи во реализација на приоритетните проекти со цел да има непречено функционирање на Локалната самоуправа и останатите сфери каде свои надлежности има општината.

„Како локална самоуправа мораме да го донесеме буџетот на општината за 2019 година најдоцна до 31 декември годинава за што веќе е закажана седницата за 28. 12 2018 (петок) .Со тоа ќе го обезбедиме нормалното функционирање на општината и на сите сфери од општественото живеење каде што локалната има свои ингеренции. Во наредната 2019 година се до распишување на предвремените локални избори , кои според првичните индиции се очекува да бидат заедно со претседателските избори,јас како в. д Градоначалник ќе ги имам сите овластувања во однос на работењето на општината.“ – објасни Георгиески.

Вршителот на должност градоначалникот Георгиески вети дека нема да има никаков застој во однос на капиталните проекти за Охрид што ги започна градоначалникот Стојаноски.

„Нема да има никаков застој во реализацијата на тие проекти. Јас и тимот на градоначалникот ќе се вложиме максимално во продолжување на тие проекти во остварување на плановите коишто ги имавме со градоначалникот.“ – подвлече Георгиески.