26/11/2024
Охрид

Општина Охрид: Санација на ударни дупки е една работа, додека реконструкција на целосна улица е друга

„Во недостиг на капацитет и визија и слепо следење на наредбите од Централата, СДСМ Охрид по кој знае кој пат ги помеша лончињата. За нив едно те исто било санација на ударни дупки и комплетна реконструкција на улица. Па затоа не е ни чудно што во минато, нивните инфраструктурни проекти беа со еден куп недостатоци.

По кој знае кој пат се обидуваат да ја замаат јавноста со употреба на звучни флоскули. Сепак не им успева бидејќи Охриѓани се умни и знаат да направат разлика помеѓу санација на ударни дупки и комплетна реконструкција на улица. Но, да не останиме должни кон граѓаните, а Вие од СДСМ во заблуда, ќе ви дадеме одговор на вашето послание до јавноста.

Имено на 21 јуни 2022 година, како што и самите имате доставено фотографија од градежни активности на улицата 7ми Ноември, се гледа дека се санираат дупки, односно се врши реставрација на дел од коловозот кој е еден од влезовите на градот, а за жал беше оставен во очајна состојба. Тоа се реализираше во очи на почетокот на туристичката сеозна и со цел посетителите на Охрид барем на овој влез да немора да поминуваат по оштетен и крајно небезбеден коловоз.

Додека сега, после скоро година и половина се врши комплетна РЕКОНСТРУКЦИЈА на улицата 7 ми Ноември. Со овој зафат е опфатено реконструкција и поставување на нова атмосферска канализација, спуштање на каблите под земја, реконструкција на тротоарските површини и велосипедски патеки. Оформување на коловозни ленти, нов асфалт и ново осветлување. Односно улицата 7ми Ноември добива нов лик.

Почитувани господа од СДСМ,

Санација на ударни дупки е една работа, додека РЕКОНСТРУКЦИЈА на целосна улица е друга. Санација се прави онаму каде што е критично и мора да се реагира што поскоро, односно на хаосот во инфраструктурата кој го оставивте, а Реконструкција се прави за менување на условите за користење, безбедноста и ликот на улиците.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.


WebOhrid / 31.10.2023 / Општина Охрид