23/11/2024
Охрид

Општина Охрид: Се што правиме, правиме со детални анализи

Општина Охрид испрати реакција во врска со соопштението на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид. Во неа стои:

„Почитувани,

Како за партија, која додека беше на власт отвори ваква „генијалност“ (види фото) како „охридскиот Авто пазар“, која и ден денес „успешно работи“, од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид излегуваат со прилично храбри обвинувања на сметка на работата на новата локална самоуправа.

Во неколку наврати Ви посочивме, еве уште еднаш – СЕ` ШТО ПРАВИМЕ, ПРАВИМЕ СО ДЕТАЛНИ АНАЛИЗИ, затоа што не се работи за било кој град, туку се работи за Охрид, нашиот Охрид, кој го заслужува најдоброто. Токму тоа и ја разликува нашата работа од онаа на нашите претходници.

Кејот, а со него и централното градско подрачје се лицето на Охрид и тука посетителите го стекнуваат првиот впечаток за градот. Токму затоа правиме максимални напори градот да добие современ кеј, што е дамнешна желба на сите охриѓани, а не парцела со бехатон плочки, кои мора да ги местиме и преместуваме со секое поголемо невреме.

Нека ја завршат прво експертите својата работа, државните органи и институции, па јавноста ќе има детален увид во се` што е планирано, но и во начините на кои ќе се финансира целиот проект, влијанието на истиот врз животната средина и сите останати аспекти на еден ваков проект.

Централната власт цврсто го поддржува Охрид и ќе помогне секаде каде што е тоа можно за да се врати градот на вистинската патека. И во Ваше време,Централната власт беше „ваша“, а за стореното тогаш подобро нека судат граѓаните. Долгот на градот е веќе преполовен, државата ќе го преземе управувањето и надградувањето на Колекторот, профункционира паркинг системот во центарот на градот, Сатеска ќе се врати во старото корито, спортот се враќа на најдобрите времиња, се стави крај на наследениот урбанистички хаос, се чистат реки и речни корита, се исчисти „Мауцкер“, се асфалтира улицата „Кеј Македонија“ со уредени велосипедски патеки и паркинзи на овој дел, се врати животот во градот.

Охриѓани го знаат ова, затоа што го гледаат пред себе секој ден.

За овие и за другите работи кои се остварени во само една година, повеќе деновиве во Отчетот на Градоначалникот Стојаноски.“- стои во реакцијата.