Општина Охрид: Со реконструкцијата на улицата „Абас Емин“ се решава еден деценски инфраструктурен проблем
Соопштение од Општина Охрид во врска со реконструкцијата на улицата „Абас Емин“.
„Реконструкцијата на улицата „Абас Емин“ е еден од најзначајните инфраструктурни проекти кои во моментот се реализираат во општина Охрид. Ја информираме јавноста дека веќе е подготвен оперативен и динамички план за изведување на сите следни градежни активности со кои во најбрз можен рок и во согласност со проектот, ќе се создадат услови за непречен сообраќај на овој потег и ќе се нормализира животот на граѓаните.
Сите досегашни градежните активности за реконструкција на улицата до сега се одвиваа по предвидената динамика. По завршување на тендерската постапка за реконструкција на горниот строј на улицата, која поради сложеноста на проектот и неговата вредност траеше 55 дена, денес започнаа работите за ископ, замена на тлото во длабочина од 40 сантиметри и тампонирање. Во моментот подготвителните работи се изведуваат во рамки на првата фаза од реконструкцијата, на потегот од „Дејан Војвода“ до пресекот во близина на „Тубелес“.
Во рамки на втората фаза од реконструкцијата, во тек е преприклучувањето на новата фекална и водоводна линија. По завршување на предвидените активности на подземната инфраструктура ќе следува реализирање на подготвителни работи за асфалтирање на потегот од „Тубелес“ до пресекот со улица „Охридска Бригада“.
По комплетно завршување на подготвителните работи, ќе следува поставување на два асфалтни слоја на коловозот, нови рабници како и изведба на тротоари на местата каде што е предвидено, врз основа на проектот и фактичката состојба на терен.
Упатуваме апел до граѓаните за поголемо разбирање и трпение. Станува збор за голем зафат, кој поради својата вредност, обемност и сложена динамика бил одложуван од сите претходни власти. Со реализицијата на овој проект се решава еден деценски инфраструктурен проблем и ќе се обезбедат подобри услови за жителите од овој потег во градот.“ – стои во соопштението од Општина Охрид.