22/11/2024
Македонија

„Оревокршачка“ – балет на мраз од Санкт Петербург вечерва во МОБ

Вечерва во Македонската опера и балет ќе се игра „Оревокршачка“, балетски спектакл на мраз во изведба на Државниот балет на мраз од Санкт Петербург, Русија. Поради огромниот интерес, ќе се одржат две изведби, од 20 и од 22 часот…

Спојот на балетската уметност и најелегантниот спорт – уметничкото лизгање е програмската цел на Државниот балет на мраз од Санкт Петербург, Русија, кој е основан во 1967 година од страна на истакнатиот балетски кореограф Константин Бојарски. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин.

Балетот на својот репертоар ги има познатите балети на Петар И. Чајковски – „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и балетите „Ромео и Јулија“ и „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев.

Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е успешно продолжение на традиционалната руска школа за класичен балет, а во компанијата членуваат повеќе од дваесет танчари што имаат титули во уметничко лизгање. Од 1995 година балетот на мраз од Санкт Петербург игра и на сцените на светските оперски и балетски куќи. Настанот во Скопје е во организација на „Прагма продукција“, а се реализира со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.

Минатата година, Државниот балет на мраз гостуваше со изведба на познатото балетско ремек-дело “Лебедово езеро” и побуди голем интерес кај македонската публика.