26/11/2024
Охрид

ОСБСП со препораки за максимално почитување на сообраќајните правила и прописи

Со цел зголемување и унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Охрид, во пресрет на Велигденските и првомајски празници, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Охрид (ОСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот за внимателно, дисциплинирано, совесно и одговорно учество во сообраќајот со максимално почитување на сообраќајните правила и прописи.

Во услови кога во Охрид веќе бележиме зголемената фреквенција на сообраќај, посебно во централното градско подрачје, потребно е дисциплинирано управување на патничките и други моторни возила, почитување на пропишаната брзина на движење, да се користи безбедносниот појас, да не се користи мобилниот телефон а посебно да не се седнува зад воланот под дејство на алкохол или наркотични средства. Неопходно е почитување на насоките дадени од полициските службеници, користење на пешачките и велосипедски патеки и внимателност за личната, но и за безбедноста на останатите учесници во сообраќајот…

Возачите на моторни возила, посебно младите возачи, да ја контролираат брзината на движење, да ги почитуваат пешаците, моторциклистите и велосипедистите на сообраќајниците, да држат безбедно растојание и секогаш да им овозможуваат првенство на минување како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Моторциклистите, задолжително да користат заштитен шлем-кацига неопходна и за сопатникот на моторциклот, да внимаваат на брзината на движење и безбедно да вршат претекнување или промена на страната на движење со навремено вклучување и користење на жмигавци.

Пешаците, да ги користат обележаните пешачки премини за безбедно преминување на коловозите на сообраќајниците и кружните крстосници. Велосипедистите, дисцилинирано да се движат по обележаните велосипедски патеки, исклучиво да ја користат десната страна за движење по коловозната лента, да вршат сигнализирање со рака за секоја промена на управување со велосипедот, внимателно да се движат покрај паркирани автомобили, задолжително да користат предно и задно светло при ноќно управување на велосипед.

„На овај начин, сакаме да придонесеме за унапредување на сообраќајната превенција, да ги намалуваме ризиците во сообраќајот и можностите за сообраќајни незгоди, да ја подигнеме сообраќајната култура и сообраќајната безбедност како и јавната свест кај сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи.

Ви посакуваме среќни и безбедни Велигденските и првомајски празници.“ – стои во соопштението од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Охрид.