Османи: Ќе ги искористиме сите можности да ја имплементираме одлуката на граѓаните во парламентот
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, и главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ, Бујар Османи, заедно со својот заменик и главен технички преговарач, Бојан Маричиќ, денес престојуваат во работна посета на Тирана, Република Албанија, во рамките на која, заедно со Министрите и Вицепремиерите за европска интеграција на земјите од регионот учествуваат на третата Конференција за пристапни реформи во земјите од Западен Балкан (WBAR).
Пред почетокот на Конференцијата, Османи оствари билатерална средба со Сојузната Министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, при што изрази искрена благодарност за посветеноста на Австрија кон регионот, особено во делот на Австриското претседателство, издигнувајќи го процесот на проширување и интеграција на регионот како еден од трите врвни приоритети на Унијата. Османи потенцираше дека Македонија, ќе остане посветена на европската агенда, со продлабочување на реформски моментум, но и одлучно ќе продолжи со имплементацијата на европските правила, стандарди и вредности, со што ќе придонесе во изградбата на посилна, постабилна и поцврста Европа.
„Имавме исклучително важен референдумски процес во државата, во која над 600 илјади граѓани изразија јасна политичка волја за имплементација на Договорот од Преспа, и придвижување на земјата напред во интегративните процеси. Имаме обврска да ги искористиме сите можности и овој Договор да го имплементираме во Собранието“, истакна Османи. Тој се осврна и на предизвиците со кои се соочуваше земјата во однос на одржаниот референдум, при што изрази задоволство од високата поддршка на граѓаните на Договорот од Преспа и членството во ЕУ и НАТО.
На денешната Конференцијата за пристапни реформи во земјите од Западен Балкан (WBAR), се очекува да биде потпишана заедничка декларација каде, меѓу другото, ќе се реафирмираат заложбите за унапредување на добрососедските односи, унапредување на регионалната соработка како и европските перспективи на земјите од Западен Балкан, по што ќе следи и обраќање на Вицепремиерот Османи на панелот посветен на комуникацијата на ЕУ во јавноста.
Во рамки на својата работна посета на Тирана, Османи ќе оствари билатерални средби и со на својата средби со Министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати и Министерката за европска интеграција на Република Косово, Дурата Хоџа.
Денешната Конференција за пристапни реформи во земјите од Западен Балкан (WBAR) во Тирана, која е поддржана од страна на австриското претседателство со Советот на ЕУ е трета по ред, на која ѝ претходат првата одржана во Скопје во 2015 година и втората одржана во Подгорица во 2017 година.