26/11/2024
Македонија

Османи: Македонија е партнер на САД, ЕУ и НАТО во заштита на западните вредности на Балканот

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во рамките на неколкудневна работна посета на Вашингтон, денес оствари средби со Заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, во американскиот Стејт Департмент.

„САД се повеќе од стратешки партнер на Македонија, туку и веројатно најважниот пријател, со чие присуство и активно учество остварени за најважните пресвртни точки од независноста на земјата, чии успех неповратно е вграден и во изградбата на самата држава“ – истакна Османи, посочувајќи притоа и на самото осамостојување на државата, Рамковниот договор, територијалната организација, како и Договорот од Преспа чија имплементација финишираше непосредно пред оваа посета. Османи посочи и дека денешниот успех на потпишување на протоколот за НАТО претставува резултат токму на ова партнерство, за кое истакна дека очекувам да продолжи и во иднина.

„Ја очекуваме поддршката на САД и во периодот што претстои кога ќе се финализираат главните настани со кои ќе се зацементира нашата западна ориентација – целосното членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во Европската Унија.“ истакна Османи, реферирајќи притоа и за политичката состојба во земјата, за напредокот на земјата во исполнувањето на критериумите, преку имплементацијата на реформскиот План 18, како и за напредокот во односите со соседите.

„Македонија веќе нема отворени политички прашања, и повторно го зазема централното место на Балканот, како главен партнер на САД, ЕУ и НАТО во промоција на демократските и западните вредности во регионот“ истакна Османи.

Во рамките на посетата на Сенатот, Османи оствари средба и со Сенаторот Рон Џонсон, кој воедно е Претседавач и со Комитетот за домашна безбедност и владини прашања при Сенатот на САД. Сенаторот Џонсон го извести Османи за неговата иницијатива, заедно со сенаторката Џеин Шахин, до американскиот Сенат, со која се поздравуваат сите активности на Македонија и Грција во однос на имплементацијата на Договорот од Преспа. Во текстот на резолуцијата, која во драфт верзија му беше предадена на Османи, меѓу останатото, се препорачува на Советот на ЕУ во јуни оваа година да ја потврди одлуката за почеток на преговорите. Како што посочи сенаторот, текстот на оваа резолуција се очекува да биде финализиран и ставен на дневен ред на сенатот на почетокот од следната недела и истата да биде усвоена.

Претходно Османи учествуваше и на традиционалниот молитвен појадок во организација на американскиот претседател, Доналд Трамп, а во неговата денешна агенда е и посета и на американскиот Конгрес каде Османи ќе оствари средба и со Конгресменот Стив Стилерс, кој до јануари оваа година ја вршеше функцијата Претседател на Националниот Републиканскиот комитет во Конгресот на САД. Централна посета на Конгресот ќе биде средбата со новиот Претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот на САД – Елиот Ејџел.