25/11/2024
Македонија

Османи на средба со членовите на Меѓуресорска работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи како дел од институционалните средби поврзани со процесот на надзор во спроведувањето на реформите од Плановите 3-6-9 и Планот 18 оствари средба со членовите на надлежната Меѓуресорска работна група, директорот на агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Илбер Села, генералниот секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски и заменикот на генералниот секретар на Владата на РСМ, Тахир Хани.

„Законот за јазици беше дел од Планот 3-6-9 и неговата законска имплементација е целосно реализирана, но наша обврска е да ја следиме и фактичката имплементација низ институциите, исто како и за сите останати реформи предвидено со реформските планови“, истакна Османи, изразувајќи притоа задоволство од темпото со кое се имплементира Законот.

„Секако дека постојат предизвици и непредвидени состојби, но радува фактот што постои позитивен пристап во отстранувањето на сите пречки применувајќи го духот на законот онаму каде ќе се појават предизвиците“, истакна Османи.

Османи посочи на повеќето одлуки кои ги донела Владата во насока на имплементацијата на Законот, како што е самото формирање на Меѓуресорската работна група, потоа задолженијата до министерствата за имплементација на законот во рамките на документацијата, формирањето на Агенцијата за спроведување на Законот, одлуката да ѝ се доделат простории на Агенцијата, како и голем број останати мерки со кои се спроведува законот.

Генералниот секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски, истакна дека со имплементацијата на Законот за употреба на јазиците се обезбедуваат правата на граѓаните коишто природно им следуваат, а секое право треба да им служи на луѓето. Тој како носител на Меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците, рече дека имплементацијата на овој Закон е позитивно прифатена од сите институции и дека Владата на Република Северна Македонија дава институционална и техничка поддршка, како и преку препораки за целосна имплементација на овој Закон.

Директорот на агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Илбер Села, изрази радост што на денешната средба со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, го презентирал досегашното функционирање на Агенцијата и истакна дека има подготвеност за истата да почне со работа со полн капацитет.  

Институционалните средби за надзор на имплементација на реформите од Планот 3-6-9 и Планот 18 продолжуваат и натаму, а според најавата, веќе утре Османи е на средба со членовите на Советот на Агенцијата за Аудио и Аудиовизуелни медиумски услуги како една од важните институции во спроведувањето на реформите поврзани со медиумските слободи, во пресрет на претседателските избори.