23/11/2024
Македонија

Османи: Поддршката за европските перспективи наидува на сѐ поголема поддршка од граѓаните

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во просториите на Владата на Република Македонија, оствари средба со делегација од Европскиот совет за надворешни односи предводена од Норберт Ротген, претседател на Комитетот за надворешни работи на Бундестагот која е во посета на нашата земја.

Денешната посета на претставниците од Европскиот совет за надворешни односи е со цел поддршка на европската и евроатланската перспектива на Република Македонија, особено во насока на охрабрување на земјата, во овие одлучувачки моменти, за приклучување кон европскиот моментум во регионот.

„Претставува вистинска чест присуството на нашите меѓународни пријатели и добронамерници, чија поддршка во овој период е недвосмислена и претставува важен поттик и охрабрување за граѓаните, во нивната одлука да ја поддржат европската перспектива на земјава“ – истакна Османи. Во таа насока Османи информираше за активностите на Владата, но и на политичките партии околу претстојниот референдум, при што, изрази надеж и очекувања за неговата успешност.

„Граѓаните ја сфатија сериозноста на оваа одлука, а со приближување на денот на одлуката, поддршката за евроатлантската перспектива на земјава расте сѐ повеќе“ – истакна Османи, потенцирајќи дека очекува зрело однесување и од сите релевантни политички претставници во земјата, кои, како што истакна, очекува дека нема да ја пропуштат оваа неповторлива шанса за да ѝ помогнат на сопствената земја и на сопствените граѓани, во исполнување на нивната аспирација за членство во ЕУ и НАТО.

Европскиот совет за надворешни работи е еден од највлијателните паневропски „тинк-тенк“ органзации, чија основна мисија претставува заштита и промоција на европските вредности, особено во изградбата на вредностите на пошироката Европа.