23/11/2024
Дебрца

Основачите, општина Дебрца и државата не смеат да дозволат да згасне најстарата ликовна колонија во земјата „Дебрца”

Охрид, 31 мај 2020 Крајот на јуни, по традиција, веќе 35 години, во сверата на културата во земјава, го одбележуваше почетокот на ликовната колонија “Дебрца”, во истоимената општина, попрецизно, во седиштето на оваа локална самоуправа – селото Белчишта.
За жал, ако брзо не се делува, може да се случи несакан прекин на континуитетот во одржувањето на најстарата ликовна колонија кај нас, воедно, и со најбогат фонд уметнички дела.

Сигурно помислувате дека причината е стравот од корона вирусот, односно превентивните заштитни мерки и протоколи. Подобро да беше така, но не е. Причните се од друга природа, доста прозаични – помалку поради финансиите, а повеќе поради организацијата и организаторите.

Основачот на Колонијата, ликовниот уметник Ѓоко Целески, вели дека е тоа негова рожба за која е приврзан како за свое чедо. Што е вистина. Вели дека ја негувал, колку и своите деца и внуци, но, дека ја нема некогашната енергија, но, истовремено, дека не може, туку така, и кому било, да ја препушти! И за тоа е во право. Наведува и конкретни личности од локалната самоуправа, за кои вели дека “ниту нешто направиле, ниту нешто знаат од уметноста и животот, а сепак, се умислиле за сезнајкови и во сeкоја манџа сакаат да бидат мирудија”!

На прашањето, дури и на констатацијата, дека, сепак, не може да постои ниту една причина, те, дури и ниту еден поединец, поради кого треба да згасне една таква блескава манифестација, Целески додава дека се што може да направи, е да го свика Советот на Колонијата, да предложи истиот кадровски да се освежи, односно подмлади, и на еден таков начин, да се создадат услови да се одблокира делувањето. И за тоа е во право, но, времето е прекратко и треба брзо да се делува. Сепак уметниците си имаат своја голема и своја суета, те треба навреме да се поканат.

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, исто така, смета дека Колонијата треба да продолжи по секоја цена. Финасиите не се проблем. Најголемиот дел ги дава општината, нешто Министерството за култура, помагаат и спонзори. Кој со средства, кој организациски. Уметниците, покрај во Белчишта, создаваат и на други места, мегу другите и во селото Црвена Вода, под спонзорство на здружението “Мацково” и Етно куќата на семејството Митаноски.

-Колонијата, со сета почит и признателност кон основачите, сепак е општествено добро. Не само поради грижата и поддршката на државата и општината, туку, пред се, со богатството на создаденото – фонд од 700 дела, но и со својата историска и културна вредност, со самиот екслкуузивитет на долгиот спис учесници. Зад Ликовната колонија “Дебрца” стои содателство од платна на великани во ликовната уметност, од постарата, но и помладата генерација. Да ги наведам, професорот Димче Коцо, потоа Вангел Наумовски, Јоне Симонче, Јордан Манасиевски, Љупчо Стефаноски и други. На нив се надоврзуваат Мето Георгиевски, Менде Иваноски, Васко Ташковски,  Сергеј Андреески, Мето Горгиевски, Петар Мазев и многу други, напоменува Ногачески.

И не само од земјава, туку и од Балканот, но и целиот свет, додава градоначалникот. Колонијата, вели тој, е и некаков спој со богатата историја, односно создавањето на македонската државност токму на овој терен. Не случајно, еден ден, уметниците создаваат во Црвена Вода, а еден од позначајните датому – издавањето на Манифестот до македонскиот народ во 1943 година, е Ден – Патронен празник на самата општина.

Последниот пат во Црвена Вода, создава: од Македонија – Стадим Димитров, Запро Запров, Даниела Димческа, Горан Јованов, Симон Арнаудов, Предраг Јанески. Од Албанија, Тасо Констандини, а од Бугарија, Ѓорги Андонов-Жоро, Венера Константинова и Дарина Златарева и други..

Од 1983 година, Колонијата има своја Галерија, најнапред скромна во старата зграда на поранешната, како што ја нарекуваат овде, италијанска касарна, од времето на окупацијата, додека од 2005 година, свој, современ објект со сите услови за галерискo ускладиштување и презентирање. Има и посебен дел, во кој, се сместуваат дел од учесниците.

Колонијата, редовно,  се  одржува  во  летниот период, крај на јуни-почеток на јули. Лани беше отворена на 30 јуни.

Учествуваат  12 до 15  учесници  кои  творат  исклучиво  на  територијата  на  Дебрца, а во досегашното постоење зеле  учество над 200  уметници,  од  Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Грција, Полска, САД, Канада, Герамнија, Малезија, Русија, Узбекистан, Украина, Кипар, Монголија  и  други  земји.

Организирани  се  115  изложби  во   Република  Македонија,Колонијата  соработувала  со  повеќе  колонии  од  Македонија  и  другите  земји,  како  и  со Факултетот  за  ликовна  уметност  во  Скопје.

олемиот  интерес  за  учесници  од  целиот  свет  најдобро  зборува  за  реномето  што  го  има,  како  и  посетеноста  на  изложбите. Но, за голема жал, сега Галеријата е затворена, ликовните деле се дел изложени, но најголемиот дел, несоодветно депонинари. 

Веле Митаноски