Осум гола предност за Македонија пред реваншот во Клуж
Со водсвто во текот на целата средба, сениорската машка ракометна репрезентација оствари заслужена победа од 32-24 против репрезентацијата на Романија, за солидна предност пред реваншот од баражот за СП 2019 што во среда ќе се игра во градот Клуж.
Добрите стартни неколку минути на Романците не дозволија избраниците на Раул Гонзалез да го загубат темпото, па откако набрзо потоа нашите репрезентативци направија пресврт за водство од 8-2, знаеја како да го задржат до крајот на средбата. Добриот настап на Борко Ристовски на голот на Македонија, заедно со расположеноста во нападот на повеќе наши ракометари, донесоа предност од 15-10 на полувремето, а во 42-та минута, предноста се искачи и до највисоки 24-14. Романците успеаја да намалат во продолжението, но не успеаја во ниту еден момент посериозно да се заканат на водството на нашиот тим. Македонија рутински го приведе натпреварот до крај за конечен и заслужен триумф од 32-24.
Кирил Лазаров со 8 голови беше најдобар стрелец во нашиот тим, а 6 голови додаде Дејан Манасков. По три гола реализираа Георгиевски, Кузмановски, Миркуловски, Стоилов и Талески, а во листата на стрелци се запишаа и Пешевски со 2 гола и Поповски со 1. Кај Романија, Ракотеа беше најпрецизен со 6 постигнати голови.
Победата од 32-24 носи солидни 8 голови предност за Македонија пред реваншот од баражот за СП што во среда (13 јуни) од 17:30 часот по македонско време, ќе се одигра во романскиот град Клуж. Нашите репрезентативци утре ќе одработат еден тренинг во Скопје, а во вторник наутро патуваат за Романија. Подобриот од двомечот ќе обезбеди пласман на Светското Првенство што во јануари 2019 ќе се игра во Данска и Германија.