Откриен еден од подметнувачите на пожар во кафе бар во Охрид, поведена истрага
Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 19-годишник од Скопје, бидејќи постои основано сомневање дека тој сторил кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
На 10 март во раните утрински часови, осомничениот заедно со уште едно непознато лице, заедно отишле кај кафе бар на булеварот „Туристичка“ во центарот на Охрид и фрлиле запаливо средство во објектот.
Со тоа предизвикале пожар кој го зафатил и го оштетил кафе барот, внатрешноста и надворешноста од деловната зграда на ЈП Градски Пазар и околните објекти, каде што во тој момент живееле и престојувале луѓе, со што предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и поголема имотна штета.
Против лицето за кое е отворена истражна постапка, обвинителството до Основниот суд Охрид поднесе Предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство доколку осомничениот се најде на слобода и околности кои укажуваат дека тој ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците.
WebOhrid / 17.03.2024 / Основно јавно обвинителство Охрид / фото: архива