Откриени 38 мигранти
Вчера (17.04.), околу 04:30 часот, од страна на полициски патролен тим од ПС за ГН Михајлово и ПС ОН Неготино, на регионалниот пат Гевгелија-Скопје, во товарно моторно возило марка “Форд Транзит“ во близина на базата на “Актор“ пред тунелите кај Демир Капија откриени се 38 мигранти (35 од Пакистан и тројца од Индија).
Имено, откако полициските службеници го забележале товарното возило со велешки регистарски таблички во близина на м.в. “Арсови лаки“ и дале знак за запирање, возачат не запрел туку продолжил да се движи кон тунелите кај Демир Капија. Полициската патрола поради сомневање се упатила по товарното возило и по извесно време возилото е пронајдено, оставено и без возач, со мигрантите сместени во товарниот дел од комбето. Со проверки е констатирано дека возилото имало лажни регистарски таблички. Со мигрантите кои биле на возраст од 17 до 41 година извршен е разговор, при што е констатирано дека тие илегално пешки влегле во Р.Македонија од Р.Грција во текот на претходната ноќ, а со помош на лица, исто така, мигранти. И дека истите биле со намера илегално да транзитираат преку Македонија, Србија, до западноевроските земји, а за цена од околу 4.000 евра, поединечно, до крајната дестинација. Набрзо по влезот во земјава во близина на македонско-грчката граница се качиле во товарното возило. За настанот е известен дежурен јавен обвинител од ОЈО на РМ – за гонење на сторители на КД од областа на организираниот криминал и корупција Скопје. Се работи на целосно расчистување на случајот и откривање на инволвираните лица.