25/11/2024
Охрид

Отслужени литургии за празникот Голема Богородица во црквата Каменско

Празникот на сесветото преселување на Скинијата на Животот, Мајката Божја, беше свечено и торжествено прославен и оваа година, а централната прослава во нашата епархија беше во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид. Празнувањата започнаа во вечерните часови на 27 август, со празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната служба, беше изнесена за целивање плаштаницата на Успението на Пресвета Богородица, над која се пееја статиите од опелото на Пресвета Богородица. Потоа се изврши и литија со плаштаницата околу светиот храм.

Прославата на Успението на Мајката Божја продолжи денес, во истиот храм, каде што беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоереите Томислав Илиески и Љупчо Симиџиески, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа.