Отворен 9. меѓународен Летен кампус со фокус на градењето на мирот во пост-конфликтни операции
Повеќе од 120 питомци и студенти од десет земји, членки на НАТО и соседи од вчера до 06 јули ќе учествуваат на меѓународниот високо-образовен одбранбено безбедносен проект на Воената академија, „Летен Кампус 2018“.
На отворањето на Кампусот во Центарот за обука „Пепелиште“ (неготинско), заменик-министерот за одбрана, Беким Макусти истакна дека станува збор за проект со кој Република Македонија демонстрира силна посветеност кон процесот на градење на капацитети за справување со новите безбедносни предизвици.
„Целта на овогодинешниот Кампус е да ја доближи комплексноста на идните предизвици во градењето на мирот во пост-конфликтните операции до оние кои ќе бидат идните мировници, но и идните цивилни политички претставници и лидери на НАТО-земјите. Ова за сите учесници е уникатна можност да се запознаат меѓу себе и заедно да работат на изнаоѓање на решенија за сите предизвици во процесот на градење на пост-конфликтен мир и безбедност“, рече Максути.
Заменик-министерот додаде дека Кампусот е одличен пример за меѓународна соработка и партнерство помеѓу земјите од регионот и пошироко, земји кои се долгогодишни партнери, посветени на изградба на квалитетен кадар.
Максути на идните офицери им порача целосно да бидат посветени на стекнувањето со нови знаења и вештини, зашто тие, заедно со креативноста, храброста, интегритетот и етиката им се и тоа како потребни на националните вооружени сили и на меѓународните организации и операции.
Летниот кампус оваа година се разликува од минатогодишните по поголемиот фокус на академскиот развој на учесниците поврзан со пост-конфликтните операции. Кампусот ќе се реализира во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“ со предавачи од Воената академија од Македонија, но и од Велика Британија и од Германија.