22/11/2024
Охрид

Отворен ден и новогодишен базар во ООУ „Ванчо Николески“

Денес, во ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец беше реализиран Отворен ден во рамки на Проектот за поттикнување демократска клима во училиштето „Донеси и понеси книга“ и Новогодишен базар на отворено.

Најпрво, со почитување на мерките за заштита од Ковид 19 и во присуство на дел од учениците, наставниот кадар и менаџментот на училиштето, како и одговорен советник од Биро за развој на образование, во холот на училиштето се презентираа активностите спроведени во рамки на проектот „Донеси и понеси книга“. Овој проект беше ученичка иницијатива, а во рамки на истиот беа направени многу активности, меѓу кои: презентации, посета на охридската библиотека, разговор со роднокраен писател, акции за носење книги во училиштето, поставување и уредување полици во училишниот хол и промоција на книгата како најдобар пријател. Целта на овој проект е доближување на книгата до учениците и пројавување поголем интерес кон истата. Преку овие активности учениците се поттикнуваат слободното време да го минуваат во друштво на книгата, да ја разберат големината и значењето на книгата во однос на писменоста, елоквентноста, изразувањето, видикот и широчината на отворениот ум, но и да се предочат негативните страни од прекумерно користење на електронските уреди. 

Исто така, во соработка со родителите во училишниот двор беше организиран и Новогодишен базар, каде можеше да се погледнат и купат прекрасните новогодишни изработки што учениците ги направиле заедно со нивните наставници и родители. Новогодишниот базар беше отворен со три музички нумери подготвени од хорот и оркестарот во училиштето, а потоа продолжи со посета на штандовите со изработки од секоја паралелка/одделение. Воочлива беше новогодишната атмосфера, креативниот амбиент, среќата и задоволството кај сите присутни. Средствата што се собраа од Новогодишниот базар ќе се насочат за остварување на дел од ученичките иницијативи, односно ќе се наменат за збогатување на полиците со книги од слободна литература за деца, со цел уште еднаш да се потенцира важноста на книгата, но и да се покаже дека со заедничка соработка и тимска работа се стигнува од идеја до реализација.


WebOhrid / 24.12.2021 / ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец