25/11/2024
Македонија

Отворен ден – Средба со директорот на Царинска управа

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски на 10.10.2018 година во Царинска управа на Република Македонија одржа средба – отворен ден со учесниците во царинската постапка (увозници, извозници, застапници, шпедитери, производители и транспортери).

На средбата, на која присуствуваа голем број на претставници на економски оператори, се обрати директорот на Царинската управа, кој во своето обраќање ги истакна постигнатите резултати во изминатата година и ги запозна присутните со новините во царинското работење кои ќе почнат да се применуваат од јануари 2019 година, како што се новиот електронски систем за обработка на царински и акцизни документи, Овластениот економски оператор и новите царински прописи. Притоа, директорот ја истакна важноста на ваквите настани и посочи дека соработката со деловната заедница е клучен фактор за градење на доверба, промовирање на доброто владеење и забрзувањето и поедноставувањето на царинските постапки. За време на средбата, присутните претставници на економските оператори имаа можност да ги истакнат предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење, а дадоа и предлози како заедно најповолно да се создаде конкурентен економски амбиент.

Средби од ваков вид ќе продолжат да се одржуваат во иднина и Царинската управа ќе остане посветена на својот пат за подобрување на деловното опкружување и создавање еднакви можности за економски раст и развој на сите учесници во економските процеси.