Отворен Иновативен Хаб во Охрид и објавен Јавен повик за поддршка на компании од југозападниот регион
Фондот за иновации и технолошки развој денеска во Охрид отвори Иновативен хаб во рамките на Факултетот за туризам и угостителство и објави Јавен повик за финансирање на проекти за новоосновани трговски друшта „старт-ап“ и „спин-оф“, од југозападниот регион.
На отворањето на Хабот говореа директорот на ФИТР, Јован Деспотовски и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Сашо Коруновски.
Деспотовски нагласи дека оваа програма има за цел да придонесе кон рамномерен регионален развој и за поддршка на младите од регионот.
„Целта ни е да ги приближиме програмите на ФИТР до младите од југозападниот регион и да ги поттикнеме да развиваат иновативни идеи кои ќе ги преточат во сопствен бизнис. Ова е дел од нашите сеопфатни напори да влијаеме врз негативниот тренд одливот на мозоци и да ги задржиме младите дома. Исто така со ваквите програми сакаме да ги децентрализираме програмите на ФИТР и да придонесеме кон рамномерен регионален развој. Ова е пилот проект кој е финансиран од ЕУ“, – рече Деспотовски, нагласувајќи ја важноста од ваквата поддршка од Унијата. Тој додаде и дека очекува голем интерес на повикот и многу квалитетни проекти.
Ректорот проф д-р Коруновски нагласи дека ваквите проекти се важни и придонесуваат кон развој на прекуграничната соработка и размена на идеи и знаења.
„Овој простор е отворен за секој кој има добра идеа, а ние сме тука за да помогнеме во нивната реализација. Ова место треба да стане собиралиште на младите кои тука ќе ги развиваат своите идеи. Вложувањето во иновации и знаење е клучно за напредокот на една земја,“ – нагласи Коруновски.
Инструментот е наменет за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“, како и микро и мали претпријатија од Југозападниот регион кој ги вклучува следниве општини: Центар Жупа, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски брод, Охрид, Пласница, Струга и Вевчани. Компаниите кои ќе аплицираат, меѓу другото треба да се основани во согласност со Законот за трговски друштва и регистрирани во Централниот регистар на РСМ, да не се постари од три години и да се во мнозинска македонска сопственост.
Инаку инструментот има за цел да ја поттикне иновациската култура преку финансиска поддршка за активности на истражување и развој на нов или подобрен производ, процес, услуга како и да поттикне комерцијализација на резултатите од истражувања настанати во високообразовните, односно научноистражувачките установи.
Вкупниот фонд е 2.066.000,00 (два милиони шеесет и шест илјади денари), а максимален износ на грант по апликант е 413.122,00 (четиристотини тринаесет илјади сто дваесет и два денари). Износот целосно ќе биде покриен од страна на ФИТР во рамки на Проектот „Иновативен еко-систем во областа на прекуграничната соработка“. Проектите може да траат најмногу до три месеци.
Апликациите може да бидат поднесени најдоцна до 23.07.2019 до 23:59 часот, по елекотронски пат на www.fitr.mk/innov8. На наведениот линк се достапни сите информации во врска со повикот.
Овие активности се дел од проектот „Иновативен еко-систем во областа на прекуграничната соработка“, финансиран од Европската Комисија, застапувана од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија кој покрај ФИТР, се спроведува во соработка со Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ), EuroPartners Development и National Agency of Scientific Research and Innovation (ARTI).