Отворена изложбата „Охрид, 1900 година“ низ фотографиите на експедицијата на Н.П.Кондаков во Македонија
Во организација на ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, вчеравечер во „Куќата на Робевци“ во Охрид беше отворена изложбата „Охрид 1900 година“ низ фотографиите од експедицијата на Н.П. Кондаков во Македонија.
На свеченото отворање на изложбата свое обраќање имаше претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
„Секое минато е основано на спомените, тие нè поврзуваат со нашите корени и нè водат напред“ оваа безвременска мисла на големиот македонец Марко Цепенков ни ја покажува непроценливата важност на заложбите за зачувување на културното наследство, традициите и македонскиот идентитет.
Почитувани присутни, ценети културни работници, драги гости
Ми претставува особено задоволство што имам можност да бидам вечерва тука на овој прекрасен настан, кој ќе не однесе на патување низ минатото на Охрид и ќе ни покаже како изгледал животот во нашиот град пред 124 години. За мене оваа изложба претставува еден историски момент, една посебна привилегија да се запознаеме со ретките и драгоцени фотографии кои го отсликуваат охридскиот регион на самиот почеток на XX век.
Охрид, како еден од најзначајните културни и духовни центри, игра важна улога во целокупната историја на Македонија и се издигнува како симбол во градењето на нашата култура. Денес, имаме чест да погледнеме 50-на старински фотографии, кои произлегуваат од исклучително значајната експедиција на руската академија на науките во 1900-та година, предводена од Никодим Петрович Кондаков, прочуен историчар, археолог и творец на иконографскиот метод на проучување на уметничките споменици. Изложените фотографии ни нудат уникатен увид во животот, архитектурата и обичаите на нашите предци. Оваа колекција го документира времето и просторот и го поставува нашето културно наследство во вечноста.
Почитувани,
Оваа прилика сакам да ја искористам, во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков да упатам искрена благодарност до организаторите за нивната посветеност во реализацијата на oваа изложба. Локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена да поддржи проекти и настани кои придонесуваат за промоција на богатото културно и историско минато на Охрид.
Упатувам покана до сите охриѓани и сите туристи кои престојуваат во градот, во наредните десет дена да издвојат време и да ја посетат изложбената поставка, во уникатниот простор во Куќата на Робевци. Верувам дека оваа изложба ќе биде зачеток на една нова пракса за организација на слични културни настани, кои се од голема важност за зачувување и презентирање на културното богатство на Охрид и Македонија, истакна Божиновски во своето обраќање.
Сите посетители ќе можат да ја погледнат изложбената поставка до понеделник, 29-ти јули 2024 година.
Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура, во рамки на годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, со поддршка на Општина Охрид и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
WebOhrid / 20.07.2024 / Општина Охрид