23/11/2024
Македонија

Отворена канцеларија на премиерот Заев за непосредни средби со граѓаните во Струмица

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска во Струмица ја отвори Канцеларијата за непосреден контакт со граѓаните. 

Оваа канцеларија претставува уште една алатка за комуникација со граѓаните, место каде што тие ќе можат да ги адресираат своите прашања, проблеми и предлози. На едноставен и лесно достапен начин секој граѓанин од Општина Струмица, но и од соседните општини ќе можат да закажат средба со премиерот Заев, а за време на викендите тие средби ќе можат и да се реализираат.

Поддршка во овој процес граѓаните ќе добиваат од вработените во Канцеларијата, меѓу кои и Душка Белчовска, мајка на Верица, девојката која преку најголемиот хуман чин – донација на органите – спаси повеќе човечки животи.

Премиерот Заев денеска оствари и кратка средба со Белчовска, на којашто разговараа за нејзиниот ангажман во Канцеларијата во Струмица. Премиерот Заев уште еднаш ја повтори огромната благодарност и восхит за одлуката органите на нејзината ќерка да бидат донирани и со тоа да спасат животи.