22/11/2024
Охрид

ОУ „Христо Узунов“ виртуелно го одбележува својот патронат

Денес, ОУ „Христо Узунов“ требаше да го прослави својот Патронат – достоинствено, во препознатлив стил, со свечена програма, учениците и вработените ќе му се поклонеа на својот Патрон и ќе го промовираа она со што ова училиште остави белег меѓу два патронати.

Бидејќи се наоѓаме во време кога владее светската пандемија и живееме и твориме во вонредни услови поради вирусот КОВИД 19, училиштето не е во можност да ја одржи својата свечена програма, но сепак ќе го одбележи овој значаен ден на други начини. Некои од содржините ќе ги има на училиштната веб страница, дел од нив ќе бидат споделени на социјалните мрежи и на медиумиите. Токму виртуелно во чест на Патронот, дел од училиштниот хор под раководство на наставникот по музичко образование Бојан Лушкоски пригодно секој од дома од карантинн, а пак заеднички ја изведоа и снимија своевидната химна на училиштето „Песна за Христо Узунов“.

Токму нашето училиште го носи името на револуционерот Христо Узунов маркантна личност од македонската историја и наш сограѓанин.

 Оваа година се одбележуваат 115 години од неговата херојска смрт. Роден е на 22 октомври, 1878 година, во патриотско, охридско семејство, во немирно и бунтовно време.За Узунов како херој, хуманист и идеолог кажуваат неговите зборови запишани во писмото, упатени кон својата мајка: “Мила ми мајко, јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, но маките на татковината се поголеми од сите страдања на секоја наша мајка. И јас – без и најмалку да те навредувам, се чувствувам повеќе син на втората ми мајка – Македонија. Те молам во името на моите свети чувства кон тебе – да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најзадоволен ќе бидам ако со своето држење бидеш пример на другите мајки и сопруги”. Неговиот саможртвен подвиг на 24 април, 1905 година со почит, капа во раце и со стрелба со почесен плотун бил поздравен од непријателот.

Од пред 43 години Училиштето достојно го носи неговото име. Тоа во текот на своето постоење си создаде сопствен белег, претпознатлив во опкружувањето. Но секако дека со светот кој интензивно се менува во поглед на квалитетот на знаење и организацијата на образованието и ова училиште се менува, посебно во рамките на содржината и методите на образование.

 Она што го прави ова училиште ефективно е тоа што сите ние се водиме од начелото на професионализам, ставајќи ги интересите на училиштето, односно неговата мисија и визија пред сите други интереси. Имаме високи очекувања од себеси и поставуваме високи стандарди во работењето, вклучувајќи го и однесувањето, согласно професионалните кодекси. Ние сме тие што придонесуваме училиштето да се справи со предизвиците на кои секојдневно е изложено и се поддржуваме себеси и учениците во постигнувањето на поставените цели. Сите се грижиме за впечатокот кој заеднички го оставаме во околината. Она што не движи е гордоста и чувството за успех кое доаѓа од стремежот за постигнување на крајната цел, а тоа е високо ниво на квалитет.

 Со ваков принцип на работа училиштето подготвено се вклучува во повеќе проекти со што идејата и желбата за современа настава која од секогаш била императив за училиштево, стана реалност. Доказ за сето тоа се бројните резултати на општинските, државните и меѓународните натпреварувања , конкурси и проекти. Сето ова докажува дека ОУ „Христо Узунов“ е институција во која работи високообразован наставен кадар, со професионален однос, инвентивност и креативност, подготвен за промени и усовршување, како и институција во која учат вредни, одговорни, креативни и успешни ученици. Сите ние се носиме рамо до рамо со модерните, современите текови на денешното живеење што е од непроценливо значење за градењето на иднината на нашите ученици. Иднина во која тие ќе се индивидуалци кои ќе знаат да ги ценат вистинските вредности. Со таа цел сите заедно пулсираме во едно, градејќи ја сликата на оваа реномирана воспитно-образовна институција.

Директор,

Оливија Пирузева – Јанева