23/11/2024
Дебрца

Означен почетокот на градежните работи за реконструкција на старата училишна зграда во Волино

Денес во Волино се потпиша договор и се означи почетокот на градежните работи за реконструкција на старата училишна зграда и нејзина пренамена во објект на локалната заедница.

Договорот го потпишаа Директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска и Директорот на изведувачот на работите, градежната фирма Тане 2007 Дооел Охрид.

Средствата за реконструкција, во висина од 2.464.926,00 денари, без ДДВ се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година, финансирање на проекти за развој на планските региони.

Старата училишна зграда во село Волино е изградена во далечната 1939 година и до 2013 година е користена како основно училиште. Генерации и генерации на ученици од Волино во неа го стекнаа своето образование.
Од 2013 година кога се изгради новото училиште објектот е вон функција. Со реконструкцијата објектот ќе се претвори во Центар на локалната заедница.

Според договорот градежните работи треба да завршат во рок од 70 дена.