22/11/2024
Македонија

Означен почетокот на работата на Контролниот центар за патарини и патишта, стациониран кај наплатниот пункт Петровец

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов денеска и официјално го означија почетокот на работата на Контролниот центар за патарини и патишта, стациониран кај наплатниот пункт Петровец.

Истакнувајќи дека стратешките капитални проекти за патно, железничко и енергетско поврзување на земјата се високо на агендата на Владата, премиерот Заев посочи дека со воведување на електронскиот систем за наплата на патарините долж Коридорот 10, пред се, ќе се обезбеди безбеден транспорт на граѓаните, полесен проток на стоките и на производите, како и регионално поврзување, како основа за забрзан развој на економијата.

„Имајќи предвид дека електронската наплата на патарина веќе може да се врши без запирање на возилата, односно возилото треба само да ја намали брзината на движење, а наплатата се извршува автоматски, ова ќе придонесе и кон зголемување на протокот на возила и кон зголемување на комфорот на нашите граѓани при патувањата. 

Дополнително, корисниците на електронските картички ќе добиваат попуст при секое надополнување на картичката“, потенцираше Премиерот Заев во своето обраќање пред вработените во Kонтролниот центар за патарини и патишта, како и пред медиумите.

Премиерот Заев подвлече дека видео надзорот на сите патарини долж Коридорот 10, како и на патиштата ширум земјата, а којшто ќе се следи од Контролниот центар, ќе придонесе за побрза реакција при каков било проблем или незгода на патиштата. И додаде дека „нашиот електронски систем, којшто како пракса извонредно функционира во Европа, е интероперабилен со електронските системи за наплата на патарина во другите земји“.

Истовремено Премиерот Заев посочи дека модернизацијата на системот на наплата на патарините е комплементарна на проширувањето и реконструкцијата на патната мрежа во земјата.

„Досега се изградени 480 километри патна мрежа, во вредност од 533 милиони евра. Во тек е изградба, реконструкција и рехабилитација на патна мрежа со вкупна должина од 550 километри, чија вредност е околу 850 милиони вера. Се работи на изградба на еден автопат, четири експресни патишта и преку 40 регионални патни правци“, заклучи премиерот Заев во своето обраќање.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при отворањето на Контролниот центар за патарини и патишта рече дека Министерството, Владата на Република Северна Македонија, како и сите надлежни институции работат посветено на унапредување на целокупната инфраструктура применувајќи ги најновите технички и технолошки достигнувања, со цел да се постигне високо ниво на одржливост и ефикасност на целокупниот транспортен систем, високо ниво на безбедност и заштита на животната средина.

„Како систем ова е предвидено и со Националната транспортна стратегија 2018-2030, преку воведување на Интелигентниот транспортен систем со којшто ќе го олесниме транспортот и ќе ја зголемиме функционалноста, безбедноста и предвидливоста на сообраќајот на патиштата. Овој контролен систем практично подразбира дел од целокупниот транспортен систем за континуиран мониторинг и собирање на податоци во сообраќајот во реално време“, потенцираше министерот за транспорт и врски Сугарески.

Оперативниот центар Петровец, како што објасни директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, е дел од проектот „Изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарина на Коридорот 10 во Република Северна Македонија“. Проектот, како што додаде Китанов, опфаќа изградба на четири нови наплатни станици, Романовце, Градско, Демир Капија и Гевгелија, реконструкција и модернизација на три постојни наплатни станици, Петровец, Сопот и Отовица, инсталација на систем за електронска наплата на патарина, како и изградба на Оперативен центар – Петровец.

„Вредноста за изградба и опремување на оперативниот центар изнесува 1,5 милиони Евра. Вкупна површина на објектот е 1000 m2  и истиот е поделен на три нивоа (подрум, приземје и спрат). Во подрумските простории се сместени сервер сала, просторија за архивирање на техничка документација, во која е поставена опрема која обезбедува оптимални услови за соодветно архивирање на документацијата и технички простории за складирање на резервни делови и материјали. Во просториите на приземјето се сместени центарот за контрола, мониторинг и управување со наплата на патарина, call центарот за добивање информации поврзани со патарината, просторија за продажба и надополнување на уредите за плаќање патарина и административни простории за вработените“, објасни директорот на ЈПДП, Зоран Китанов и додаде дека „во овој објект, наредниве месеци, се планира да се инсталира систем за мониторинг, контрола и управување на сообраќајот во тунелите Демир Капија 1 и 2, како и со новиот тунел Пресека од автопатот Кичево – Охрид.  Исто така во овој Центар ќе се поврзат поставените камери на клучките на автопатот Штип – Миладиновци преку кои ќе се врши мониторинг на сообраќајот. Со еден збор, овој Оперативен Центар се планира да прерасне во Национален Центар за следење на сообраќајот, кој има една цел, зголемување на безбедноста на сообраќајот“.


Премиерот Заев на отворањето на Контролниот центар за патарини и патишта на возачите им додели картички за електронска наплата на патарините 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов денеска присуствуваше на официјалното отворање на Контролниот центар за патарини и патишта, стациониран кај наплатниот пункт Петровец. 

По краткото разгледување на објектот, Премиерот Заев во салата за мониторинг им се обрати на вработените, како и на присутните претставници на медиумите. Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме текстот од обраќањето на Премиерот Заев. 

„Неодамна Владата ја објави комуникациската стратегија којашто ќе ја реализира до крајот на следната година. Во неа посебно место зазема информирањето на јавноста за стратешките капитални проекти за патно, железничко и енергетско поврзување на земјата. А целта секако е да обезбедиме брз, конкурентен, но пред се, безбеден транспорт на нашите граѓани, проток на стоките и на производите, како и регионално поврзување, како основа за забрзан развој на економијата. 

Денеска сме тука да информираме токму за еден таков проект.

Електронскиот систем за наплата на патарини долж Коридорот 10, преку којшто се воспоставува систем со врвна технологија, значително ќе ја намали можноста за манипулации. 

Имајќи предвид дека електронската наплата на патарина веќе може да се врши без запирање на возилата, односно возилото треба само да ја намали брзината на движење, а наплатата се извршува автоматски, ова ќе придонесе и кон зголемување на протокот на возила и кон зголемување на комфорот на нашите граѓани при патувањата. 

Дополнително, корисниците на електронските картички ќе добиваат попуст при секое надополнување на картичката. 

Инаку, целиот проект опфаќа изградба на четири нови наплатни станици, Романовце, Градско, Демир Капија и Гевгелија, потоа, реконструкција и модернизација на три постојни станици, Петровец, Сопот и Отовица, инсталација на систем за електронска наплата на патарина, како и изградба на овој оперативен центар, којшто официјално го отвораме денеска. 

Токму од овој центар, преку видео надзор ќе се следат сите патарини, како и патиштата низ државата. На тој начин навреме ќе добиваме информации за каква било невообичаена состојба, дали станува збор за сообраќајна незгода или каков било друг проблем на патиштата ширум земјата. 

Би сакал да нагласам дека нашиот електронски систем, којшто како пракса извонредно функционира во Европа, е интероперабилен со електронските системи за наплата на патарина во другите земји.

Исто така би сакал да информирам дека неодамна со измена на одлуката за висина на цената на патарините, ја исправивме долгогодишната неправда кон возачите на моторцикли. И наместо да плаќаат патарина како да возат автомобил, сега тие се  издвоени во посебна категорија и плаќаат помала сума.

Почитувани,

Модернизацијата на системот на наплата на патарините е комплементарна на проширувањето и реконструкцијата на патната мрежа во земјата.

Досега се изградени 480 километри патна мрежа, во вредност од 533 милиони евра. Во тек е изградба, реконструкција и рехабилитација на патна мрежа со вкупна должина од 550 километри, чија вредност е околу 850 милиони вера. Се работи на изградба на еден автопат, четири експресни патишта и преку 40 регионални патни правци“. 

Инаку, по официјалното отворање на Контролниот центар за патарини и патишта, Премиерот Заев на неколку случајни минувачи им додели картички за електронска наплата на патарините.