22/11/2024
Македонија

Oд 15. и 16. владина седница: Уште еден чекор кон унапредување на статусот на специјализантите – одлука, нивните права и обврски да се уредат со закон

На 15. седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство, во врска со специјализантите по медицина, кои со сопствени средства ја плаќаат специјализацијата, а кои се работно ангажирани со договор на дело во универзитетската клиника во којашто ја извршуваат специјализацијата. Имајќи го предвид значењето за специјализантите, но и за граѓаните и за здравствениот систем на Република Северна Македонија, за целосно решавање на нивниот статус, Владата донесе одлука, согласно закон, а веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности.

Владата, во активна соработка со специјализантите, досега покажа огромна грижа за унапредувањето на нивниот статус и е одлучна да продолжи во оваа насока, кон решавање на сите прашања од нивен и јавен интерес, во функција на здравјето на граѓаните.

Како што е констатирано на седницата, во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, со оглед дека дотогаш, тие немаа финансиски надоместок за ангажманот, а ниту една влада претходно не покажа слух и капацитет да почне со решавање на нивниот работен статус. Во изминативе неколку години, значително се покачени платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и е вратено достоинството на сите здравствени работници и соработници.      

Владата, на предлог на претседателот на Владата, ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование, да достават информација во врска со ефикасно решавање на прашањето за престој на студенти кои по основ на Мобилност, согласно Еразмус програмата, имаат потреба да престојуваат во државава не повеќе од еден семестар.

Мобилноста, во рамки на образовниот процес, како што е констатирано, е усогласување со праксата на Европската Унија и како што е оценето, потребно е поедноставување на процедурите за краткорочен престој по овој основ, наспроти стандардните процедури за одобрување престој за повеќегодишно студирање.  

Владата, на предлог на претседателот на Владата, го задолжи Министерството за внатрешни работи, да достави комплетна информација по однос на случувањата на настанот поврзан со новинарот Фуркан Салиу, согласно барањето од Советот на Европа за давање одговор околу овој случај.  

На 16. седница, Владата заклучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија, заради непречено спроведување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и овие два неработни дена нема да се одработуваат.

Денешната владина одлука се однесува на сите граѓани на територијата на Република Северна Македонија.

Владата, согласно Законот за енергетика, ја донесе и Одлуката за избор на универзален снабдувач. За најповолна понуда за избор на универзален снабдувач, во соодветната постапка е избрана понудата доставена од групата понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата.

За носител на набавката е избран економскиот оператор којшто има понудено најнизок процент на бруто маржа во текот на електронската аукција, а чијашто понуда претходно е оценета како прифатлива. Критериумот за доделување на договорот за универзален снабдувач, притоа, е бруто понудената маржа за снабдување. Основата за пресметката на цената по којашто универзалниот снабдувач ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата во којашто е вклучена и бруто маржа, е во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 246/23), донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата од Секретаријатот за европски прашања за статусот на подготовка на Реформската агенда 2024-2027, во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан и ја усвои усогласената верзија на Нацрт Реформската агенда. Задолжени се првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања и министерот за финансии, да ја достават усогласената верзија на Нацрт Реформската агенда до Европската комисија.

Ажурираната Нацрт Реформска агенда се споделува со Европската комисија со цел усогласување на листата реформски приоритети и мерки, со конкретни рокови предложени од македонска страна, со Европската Унија. Усогласувањето на Нацрт реформската агенда меѓу Северна Македонија и Европската Унија ќе продолжи и во наредниот период и треба да се заврши најдоцна до 26 април 2024 година, а финалната верзија на Реформската агенда да се усвои најдоцна до средината на мај 2024. По утврдувањето на финалната верзија на Реформската агенда и усвојувањето од Европската комисија, како што е образложено од СЕП, ќе се отвори можноста за потпишување на договорите за инструментот за реформи и раст и за заем и со тоа поднесување Барање за повлекување на првата транша, односно за авансот во висина од 7% од алокацијата за нашата држава.

Предвидена е исплата на средства од Планот за раст за Западен Балкан, два пати во годината. А, за Република Северна Македонија, приоритетите коишто беа договорени во Реформската агенда се однесуваат на приоритетните области: Управување / Реформа на јавна администрација и Управување со јавните финансии; Дигитална, Енергетска / Зелена транзиција; Човечки капитал; Деловно опкружување и Владеење на правото.