Панта Мижимаков е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2018 година
Во Кинотеката на Македонија на 3 мај (четврток), во 12 часот свечено ќе биде доделено признанието за исклучителен придонес во македонската кинематографија „Златниот објектив“. Оваа година „Златниот објектив“ ќе биде доделен на филмскиот работник, Панта Мижимаков …

По свеченото доделување на ова значајно признание ќе се одржи и проекција на краткиот документарен филм „Ликвидатор“, во режија на Трајче Попов. По завршувањето на проекцијата ќе следи разговор со Панта Мижамаков, на кој ќе бидат присутни истакнатите филмски работници: Илинденка Петрушева, Русомир Богдановски и Столе Попов.
Запишувањето на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград коинцидира со професионалниот ангажман на полето на кинематографијата на Панта Мижимаков, најпрвин со статус на слободен филмски работник, а подоцна наизменично како вработен во „Вардар филм“ и слободен филмски работник.
Често работел на копродукциите и странските продукции кои се реализираат во Македонија и Југославија, а работи и за југословенски продуценти на повеќе филмски проекти („Шеќерна водичка“,„ Полтрон“…). Во „Вардар филм“ соработува на поголем број кратки, документарни и играни филмови кои на шпиците не го наведуваат неговото учество во продукцијата. Од 1991 е еден од основачите и директор на приватната продуцентска куќа „Пегаз“, со којашто има реализирано неколку филмски проекти.

Кинотеката на Македонија, признанието „Златен објектив“ го доделува на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира.
Досегашни добитници на оваа награда беа режисерите Бранко Гапо и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски и Љубе Петковски, доајените Благоја Дрнков, Трајче Попов, Коста Крпач, Илинденка Петрушева.