Паркирањето во Охрид со пониски цени
На денешната 11-та седница на Советот на општина Охрид, се донесе одлука за ограничување на паркирањето во градот. Градоначалникот Јован Стојаноски, во изјава за медиумите го потенцираше ставот на Локалната самоуправа во однос на донесената одлука
„Како што изјавив и вчера, ваквото решение е прифатливо за Локалната самоуправа. Со оваа одлука цената на паркинг просторот нема да се зголеми, туку има намалување на цената. Сега во Зона А се наплаќа 40 денари, а со носењето на оваа одлука ќе се наплаќа 30 денари. Во Зона Б која што до сега постоеше се наплаќа 30 денари, а со оваа одлука цената ќе биде 20 денари или 10 денари. Она што беше дилема кај граѓаните дека се воведуваат нови улици е неточно, освен две улици во Стариот дел на градот“, истакна градоначалникот Стојаноски кој додаде дека со новиот режим на сообраќај во Стариот дел на градот е предвидена забрана за движење на возила освен за жителите на Стариот дел, а тоа значи дека и во тој дел на градот ќе нема наплаќање за паркинг.
Градоначалникот Стојаноски, потенцираше дека улиците „Јане Сандански“ и „Булевар Туристичка“ со одлука на советот во 2013 година се утврдени за паркинг простори и како такви тие мора да се имплементираат во една од зоните, но поради непостоење соодветни услови на овие две улици до месец септември нема да се врши наплата.