22/11/2024
Македонија

Патронажните сестри се приклучија кон напорите да се спречи напуштање на децата, насилство, запоставување и дисфункционално родителство

Здружението на медицински сестри и акушерки, со поддршка од Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) започна нова серија обуки за патронажните сестри со фокус врз поддршка на семејствата при негување на емотивниот, социјалниот и интелектуалниот развој на децата во најважните години од животот.

Новата иницијатива е дел од напорите за натамошно јакнење на улогата на здравствениот сектор во намалување на ризикот од напуштање на децата, намалување на насилството, запоставувањето на децата и дисфункционалното родителство.

„Од моментот на раѓањето, децата се биолошки програмирани да се свртат кон своите родители. Когнитивно-социјалниот развој на децата започнува токму преку длабокото поврзување полно со љубов со примарните старатели“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. „Кога детето ќе доживее емотивно одбивање или кога ќе се соочи со хаос и насилство во домот, неговиот развој, самодоверба и способност да учи се исфрлени од колосек. Токму затоа е пресудна помошта што патронажните сестри кои одат во домашна посета им ја даваат на родителите за да применуваат позитивно родителство и да градат безбедна приврзаност со своите деца.“

„Патронажните сестри се првите здравствени работници кои го посетуваат семејството на новороденчето и првите кои нудат совети за грижа околу децата“, рече Велка Лукиќ, претседателка на Здружението на медицински сестри и акушерки. „Овој нов фокус има за цел да им даде на патронажните сестри знаења и вештини за помош на родителите повеќе од она на што сме навикнати – не само совети за здравјето, растот и физичкиот развој, туку и за емотивно-когнитивниот развој.“

Работилниците ќе се одвиваат преку каскаден модел. Оние што ќе учествуваат во главната програма ќе го пренесат на своите колеги знаењето за невро-науката во однос на приврзувањето меѓу родителот и детето, обрасците на таквото приврзување, како и за трансгенерациските обрасци на приврзување. Се предвидува една третина од патронажните сестри да бидат обучени во текот на годината, а останатите во 2019 година.

Оваа нова иницијатива за развој на капацитетите е дел од тековната соработка меѓу УНИЦЕФ и Здружението на медицински сестри и акушерки и се базира на претходната работа за рано откривање и интервенција кај задоцнет развој и поддршка за семејствата на децата со попреченост, како и информации за родителите за здравјето, растот и развојот на децата од 0 до 3 години.