Паули Тапио од Финска е добитник на наградата „Мостови на Струга“
Управниот одбор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ – Струга, одлучи наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитанска книга, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, во конкуренција на 23 книги од 13 земји, да му биде доделена на финскиот поет Паули Тапио за книгата „Врапчињата и времето“ (Varpuset ja aika).
Паули Тапио е роден во 1986 година во северниот фински град Оулу. Во детството неговото семејство неколку години живеело во странство, во САД, во Чехословачка и Обединетото Кралство. Потоа живеел во Хелсинки, Финска и Санкт Петербург, Русија. Студирал финска книжевност и руски јазик на Хелсиншкиот Универзитет и работи како книжевен критичар, организатор на настани и преведувач. Тапио превел неколку книги од руски јазик меѓу кои и Сергеи Довлатов и Светлана Алексиевич, како и поезија од млади руски поети. Моментално работи на Хелсиншкиот Универзитет каде што предава и спроведува истражувања за својот докторат за формирањето на слободниот стих во модернистичката финска поезија.
„Врапчињата и времето“, неговата дебитантска книга поезија за која ја добива наградата „Мостови на Струга“, e објавена во 2017 година. Истата година ја добила престижната награда за книга „Хелсингин Саномат“, која што се доделува за најдобра дебитантска книга проза или поезија за таа година. Во својата поезија, Тапио особено се занимава со ритмите во финскиот јазик. Исто така заинтерсиран е за формалните и стилски конвенции од различни поетски традиции и сака застарените форми и ограничувања да ги прилагоди во современите контексти задржувајќи ја врската со иновативната современа поезија на својот мајчин јазик и на другите јазици. Тематски, неговата прва збирка ја истражува судбината на модерната индивидуалност фатена во грчот од светската историја и светските политики.
„Врапчињата и времето“ на Паули Тапио трогнува со својата прецизност и длабочина. Тоа е зрела, комплексна и од аспект на книжевната техника исклучително вешто компонирана книга која истражува трогателни теми за сложеноста и тешкотијата во општењето меѓу луѓето, за копнежот по значење и комуникација. Низ еден тежок меланхоличен тон сопоставени едни на други се прикажуваат описи на историските методи за мачење, наслови во весниците за превртени бродови со бегалци, а од другата банални, случајни записи во дневник. Паули Тапио низ ваквите споеви на различни текстуални материјали дава еден лиричен тон кој предупредува за опасностите од нечуствителноста и рамнодушноста. Тоа се стухови кои немилосрдно ја одразуваат бедата и збунетоста на нашето време. Стихови во кои сликите на очајната збунетост што ја чувствува индивидуата во време на си побрзата дезинтеграција, а кои се предадени низ драматичен тон, пречесто по полн со политички набој.
Книгата „Врапчињата и времето“ функционира на повеќе нивоа, движејќи се од широки глетки до ситни детали и си така напред и назад во времето и просторот. Личното се поврзува со универзалното, концептуалното со емпиричното. Помпеја е закопана под хаштази, минатите животи се згуснуваат во планети, сателити шпиунираат провинциски градови. Мислите летаат од една рамнина кон друга како зраци светлина заробена во сала на огледала, а одвреме навреме се кристализираат во концизни сознанија.
Некои од песните прилагодуваат стари форми и метрики, но повеќето се напишани во слободен стих. Во збирката има доста поезија во проза, па дури и проза.
Тапио храбро експериментира со разни стилски средства што кај читателот побудува сомнеж околу тоа кој е најсоодветен начин за читање. Успева да постигне моќен ефект преку обични средства, често употребувајќи по малку и шоканти, неочекувани споеви или употреби на истите. „Врапчињата и времето“ на Паули Тапио е книга што изненадува. Речиси секоја песна има различна форма. Постојано тежнее да изнајде или да прилагоди соодветна форма или формално решение на содржинските, на тематските преокупации, што на некој начин дава една увереност во моќта на конкретното изразување.
Наградената книга според правилата од страна на Струшките вечери на поезијата ќе биде објавена во тројазично издание (фински, македонски и англиски јазик). Истата ќе биде претставена за време на овогодишното издание на фестивалот (22–27 август), кога и ќе му биде врачена наградата.