Павле Трајанов: Пописот да се одложи поради “виша сила“ (Vis maior)
Денес се одржа прес-конференција на која претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во врска со пописот, предложи:
„Прво, пописот да се одложи најмалку до месец јуни или на неопределено време.
Второ, да се обезбеди политички консензус за времето на одржување на истиот.
Трето, во меѓувреме попишувачите да се вакцинираат.
Демократскиот сојуз предлага одложување на пописот поради тоа што: се влошува епидемиолошката состојба, вирусот се шири, има голем број на заразени, здравствените капацитети се исполнети, со имунизацијата се касни (нема вакцини), иселениците, Македонци досега не се попишаа, голем број на граѓани најавуваат дека нема да ги примат попишувачите во своите домови, опозициските партии од македонскиот блок бараат одложување или негово бојкотирање.
Сето ова укажува дека пописот нема да биде успешен, а резултатите ќе дадат искривена слика на состојбите, посебно на оние за вкупниот број на населението и нивната етничка припадност.
Затоа предлагаме Владата да направи анализа на состојбите и донесе одлука за одложување на пописот и предложи Парламентот да донесе Закон за одложување на истиот.
Инаку сигурни сме во тоа дека пописот е значајна статистичка операција, државата го спроведува, но за успешно завршување на истата неопходен е граѓански и политички консензус.“ – истакна Трајанов.