Пецаков: Континуирано зголемување на бројот на туристи, преку градење нови модели за развој на туризмот
Кандидатот за градоначалник на Општина Охрид од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, д-р Кирил Пецаков, денес одржа прес-конференција на која истакна:
„Развојот на туризмот како значаен сектор за Охрид заслужува посебно внимание, а наша главна цел и стратешки приоритет е континуирано зголемување на бројот на туристи, преку градење нови модели за развој на туризмот, креирање нови форми на туризам, брендирање производи и привлекување брендирани имиња, зајакнување на човечките ресурси во угостителско-туристичкиот сектор и промоција на Охрид како безбедна и атрактивна туристичка дестинација со богати туристички содржини. Гарантираме:
УНИФИЦИРАН ИЗГЛЕД НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ НА ПЛОШТАДОТ поради подобра визуелизација на местото.
СПОРТСКИ ТУРИЗАМ – БАЗА НА ПОДГОТОВКИ ВО ОХРИД
Подобрување на условите за развој на спортскиот туризам, преку организирање летни училишни кампови, создавање услови за подготовка на спортски клубови во истите и одржување на спортски манифестации.
ИНТЕНЗИВЕН РАЗВОЈ НА РУРАЛЕН ТУРИЗАМ преку кој има да се поттикне економскиот и општествениот развој во руралните средини, со цел спречување на миграцијата на млади луѓе преку креирање нови работни места и зголемување на економската активност во руралните подрачја.
ПРОМОЦИЈА НА ЦЕЛОГОДИШЕН ТУРИЗАМ – ОХРИД 365 ДЕНА
Афирмација преку целата година со ослободување од уплата на туристичка такса за периодот надвор од сезона, исплата на дел од сметките за вода и струја и сл., или субвенции за сместувачките капацитети што ќе носат гости пред и по туристичката сезона.
ЕКО ТУРИЗАМ – МАПИРАЊЕ, ПРОГЛАСУВАЊЕ И ПРОМОВИРАЊЕ НА ЕКОЛОШКИ ЗАШТИТЕНИ ЗОНИ (Галичица, Косел, Студенчишко Блато и други) со цел промоција на еко-туризмот во Охрид.
ОХРИДСКИ ТУРИСТИЧКИ РЕЧНИК во кој по азбучен редослед ќе бидат опфатени сите туристички вредости на градот. Крајна цел е на едно место да се опфати севкупната туристичка понуда на Охрид.
РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА СТУДЕНЧИШКО БЛАТО и воспоставување поврзаност помеѓу Студенчишкото Блато и Охридското Езеро преку канали. Целта е зачувување на целокупниот езерски екосистем и влез на Општина Охрид во биосферен резерват.
7 за модерен и атрактивен локален туризам.
7 за Промени, Проекти, Победи!
7 за ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова на Македонија“!“ – истакна Пецаков.