22/11/2024
Охрид

Пецаков: Локалната власт директно ја уништува природата со масовни сечи на здрави дрва

Во просториите на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид денес се одржа прес-конференција, на која говореше претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Кирил Пецаков. 

„Сликата која ја гледаме пред нас изминатите неколку денови не е ни малку пријатна. Лагите од кампањата на СДСМ излегоа на виделина. По скандалот со сечење целосно здрави дрва на неколку атрактвино локации во градот сега е уништен и исечен целиот дрворед кај Горица околу Вилата на Претседателот на РМ.

Најостро реагираме на овој катастрофален нееколошки потег на уништување зелени површини на Локалната власт предводена од СДСМ.

Ќе почнат ли процедури за менување на урбанистички планови токму на ова место и какви бизнис интереси стојат зад овој срамен чин?

Ги решија сите проблеми во градот па дојде ред да им сметаат дрвата покажувајќи со сечење здрави дрва како се грижат за здрава и чиста животна средина за да се задоволaт нечии апетити.

Ова ли е животот што го ветуваа?

Дали можеби дојде животот за шефот на кабинетот на градоначалникот како еден од сопствениците на местото со број на КП 6000/2 во КО Охрид 4 и број на имотен лист 115709?

Што ќе се гради знаејќи дека нема никаква законска планска документација, ниту ГУП ниту ДУП за овој дел?

По чиј налог е издадена дозвола за сечење дрва?

Дали Комисијата што издава дозволи за сечење дрва воопшто заседавала?

Ги повикуваме СДСМ и нивните партиски приверзоци да се огласат за овој невиден скандал со кој директно се уништува природата и им се наштетува на здравјето на охриѓани.

Дрвата што ви се наредени, немаат печат! Охриѓани на дело го гледаат сето лицемерие на СДСМ, партија која своевремено бараше оставка за исечена грмушка, за сега нејзините функционери да вршат масовни сечи на здрави дрва за кои се сомневаме дека воопшто Комисијата заседавала, а камо ли да е издадена дозвола.“ – истакна Пецаков.