26/11/2024
Охрид

Пејоска и Клекачкоска-дизајнерки кои невидливото го направија видливо

Колекција современ накит инспириран од дијатомеи, ендемски вид  микроскопски синтетизирачки алги  во Охридското Езеро од дизајнерките Марта Пејоска и Биби Клекачкоска беше отворена синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“.Изложбата под наслов „Скриеното, чудесно“  е поставена во Галеријата на Марта Пејоска.

Станува збор за серија брошеви изработени во различни техники и материјали. Секое парче е производ на синергијата и заедничкото доживување на дизајнерките на одреден дијатомејски вид. Се работи за лимитирана едиција од ексклузивни парчиња, секое од нив производ на долготрајна и темелна анализа.

Охридското езеро е едно од најстарите езера во светот и е наше непроценливо природно богатство. Изобилува со живот и е наша постојана инспирација. Овојпат одлучивме да нурнеме длабоко и да го направиме невидливото видливо. На наша голема радост, кога побаравме помош од стручните лица од Хидробиолошкиот завод во Охрид и Институтот по биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје наидовме на широко отворени врати и купишта истражувачки материјали и фотографии. Се заљубивме во дијатомеите и тоа беше тоа. Сакавме да раскажеме за нив на еден поинаков јазик, нашиот. Оваа изложба е само почеток на овој проект кој едновремено е и наш скромен придонес кон зголемување на свесноста за нашето Езеро и сета негова битност и убавина, вели Пејоска.

Двете дизајнерки на накитот имаат современ пристап кон традиционалната техника на изработка.

дна од работите што не поврзува е современиот пристап кон една традиционална техника како што е филигранската и постојаната потрага по нови форми и материјали со кои оваа древна техника би ја живеела својата сегашност. Во оваа колекција нашиот дизајниран накит се потпира на филигранската техника меѓутоа во него е силно препознатлива амбицијата за современост кон што и двете индивидуално целиме преку нашата работа и пристап во дизајнирањето, сите овие години, додава Пејоска.

Биби Клекачкоска е дизајнер на накит со повеќе од две децении работно искуство. Препознаена како авангарден уметник во полето на дизајнот и изработката на накит, пионер на новиот бран на ревитализација и реинвенција на традиционалната филигранска уметност вели дека постојано има желба  да истражува нови техники, материјали и начини на спојување на некогаш навидум неспоивото.

-Имам неисцрпна желба да истражувам техники и материјали и начини на спојување на некој пат навидум неспоивото. Да создавам свој јазик со кој ќе раскажувам за нештата кои ми се интересни и возбудливи. Некојпат е тоа различна обработка на среброто кое се’ уште ми најблиско за работа, некојпат свила на која цртам и пишувам, глина, чипка, волна, дрво… Во современиот накит нема ограничувања, па ја имам слободата да комбинирам. Скапоценоста на парчето накит се гледа во неговата приказна, концепт, чувствата што ги предизвикува кај носителот, сентименталната поврзаност, пораката што ја комуницира, објаснува Биби Клекачкоска.

Марта Пејоска ја има првата приватна уметничка галерија со ателје за современ накит и филигран во Охрид и Македонија, во нејзина сопственост.

Начинот на презентирање на современи накит со изложување во галерија е долгогодишна пракса насекаде во светот. Една уметничка галерија всушност претставува комплимент за делото како и за авторот кој е изложен во неа. На мое големо воодушевување мојот простор наоѓа на многу голем интерес како кај странската така и кај домашната публика, а идејата да се поседува уникатно парче накит, специјално дизајнирано за клиентот станува се попопуларно и кај нас, појаснува дизајнерката на накит Марта Пејоска. 

Нивното истражување на тема Охрид и Охридското Езеро започна уште во 2013 презентирано во склоп на групната изложба „Во синило те намамив“, во рамките на „Охридско лето“. Годинашниот проект „Скриеното, чудесно“ претставува продлабочена студија за конкретното, за она што се крие во длабочините на езеротоПриближувањето на откриеното до публиката е изведено на еден интересен и концептуален начин, преку современа форма на уметнички накит.

Галерија: