Пендаровски на почетокот на кампањата: Заедно можеме напред!
Изјава за медиуми, Стево Пендаровски, заеднички кандидат за претседател,
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите.
Денеска од ова место, од Централниот Изборен Штаб, ја почнуваме кампањата за претседател, и знаете треба да заврши на 21-ви првиот круг, и и на 5ти Мај во вториот круг.
Во рамки на кампањата имаме намера да ги посетиме буквално сите и поголеми и помали населени места во нашата земја, Македонија за претседателските избори е една изборна единица, меѓутоа независно од тоа ние ќе се потрудиме да стигнеме секаде и до секој граѓанин, до секое село и град за да ја објасниме нашата политика, нашиот концепт, нашата визија, нашата стратегија за иднината на земјата.
Во рамки на кампањата ќе постојат седум или осум т.н. помасовни собири и поголеми трибини со граѓани, се останато ќе бидат трибини на кои ќе имаме помали групи на луѓе, а на кои ќе разговараме со помала бројка на граѓани, затоа што сакаме да ги чуеме сите нив и во разговор со нив да објасниме што е најдобро заеднички да направиме за нашата заедничка татковина.
Слоганот кој го гледате во штабот, “Заедно напред” ја објаснува накусо практично целата политичка филозофија која ќе ја застапувам јас и сите оние кои ме поддржуваат во овие избори, значи дека Македонија буквално не смее да си дозволи луксуз да оди назад или не дај Боже да следи политички концепти кои ќе ја блокираат или изолираат и од регионот и од светот како што тоа беше за жал со години и години наназад случај, а „Заедно” – тоа значи дека мора секоја политика која има намера да придонесе за прогресот на Македонија да води сметка за мултиетничката реалност, да води сметка за сите етнички заедници, се разбира сите граѓани, меѓутоа да не ги дели граѓаните по етникум, по религија или по политичка припадност, затоа што тоа ни е најмалку потребно, кога станува збор за најважните политички цели кои ги имате.
Две се најважните политички цели кои имам намера да ги промовирам во оваа кампања за кои и досега заедно како дел од една поширока владина структура се залагав. Внатре мора да постои да ја одржуваме и да ја унапредуваме меѓуетничката кохезија, значи со инклузија на сите етнички заедници, во системот и во институциите на системот, а надворешно, Македонија мора да биде интегрирана во евроатлантските структури, бидејќи не може ако не сме демократија да напредуваме во интеграциите, ако не сме во интеграциите не може да имаме демократија внатре. Без демократија нема ни прогрес, такашто мислам дека тоа во изминативе две години им стана јасно на сите граѓани во Република Северна Македонија.
Компромисите кои ги направивме во меѓувреме беа тешки но беа нужни, и беа единствен начин со зачувување на нашиот идентитетски комплекс да ги отвориме портите на Европа и на светот, да се интегрираме со модерните нации и држави и да станеме во еден кус временски период дел од нив.
Значи, Македонија како просперитетно, демократско и интегрирано општество и држава е мојата цел, за разлика од нас, за разлика од мене, од мојот концепт, сите вие го знаете концептот на нашиот главен политички опонент, станува збор за концепт кој води во изолација кој сака да ги поништи сите придобивки кои ги имаме во изминативе две години. Се борат за поништување на Преспанскиот Договор, за поништување на Рамковниот Договор, за блокирање на нашиот пат кон НАТО и ЕУ, бидејќи ако го не го прифаќате Преспанскиот Договор, не можете да напредувате кон интеграциите, тоа е секому јасно,
На овие избори практично контрастот е како ретко кога изразен во однос на политичките цели кои секој од нас сака да ги постигне. Ние се залагаме за Македонија интегрирана во Европа и просперитетна држава со добра меѓуетничка кохезија внатре, тие се залагаат за Македонија пред 2001ва, пред Рамковниот Договор или минимум за Македонија од десетте години на Никола Груевски кога бевме изолирани и на Балканот а не пак пошироко.
На крајот да посакам уште еднаш фер и транспарентна кампања, за сите нас, бидејќи ќе биде исклучително битно за нас како држава да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, а многу ќе зависи од транспарентноста на процесот кој сега го започнуваме.
Што се однесува до мене и можам да зборувам во однос на сите оние политички партии (31) кои застанаа зад мојата кандидатура и 32.000 граѓански потписи кои исто така ја поддржаа таа кандидатура, дека ќе направиме се, јас лично ќе дадам се и ќе се залагам да бидеме максимално коректни во овој изборен процес и да останеме во границите на еден политички фер плеј, бидејќи само така можеме да дадеме пример и за сите останати учесници во овој изборен процес и за сите други политички субјекти, како се сака, се штити и се прави се за напредок на сопствената држава.
Благодарам.