23/11/2024
Македонија

Пендаровски: Нема потреба да прогласам нова вонредна состојба

Почитувани,

На 30 мај оваа година донесов Одлука за прогласување на нова вонредна состојба во траење од 14 дена. Вонредната состојба истекува утре, на 13 јуни, на полноќ. Сите вонредни состојби, до сега, ги прогласував на барање на Владата, со нејзино образложение зошто е потребно да бидат воведени. И на сите одлуки за вонредна состојба им претходеше седница на Советот за безбедност на која премиерот и ресорните министри ги објаснуваа причините за потребата од вонредна состојба. Познато е дека сите претходни вонредни состојби ги прогласив заради потребата, во отсуство на Парламент, да се управува преку уредби со законска сила, со цел, борба против ефектите од пандемијата, во здравствената и економско-социјалната сфера, откако најголемиот број од стопанските субјекти престанаа со работа.

Последниве денови во јавноста се наметна и дилемата дали е можно воведување на вонредна состојба само на барање на владата или и претседателот може самиот, без предлог од владата, да прогласи вонредна состојба. Во тој дел, Уставот е јасен, претседателот на државата може и без барање од владата да прогласи вонредна состојба. Меѓутоа, тоа никогаш не го направив затоа што бев и сеуште сум убеден дека во ниту еден политички контекст, една институција, која и да е, не смее да ги изолира останатите институции при носењето на сериозни одлуки.

Затоа, имајќи ги во предвид причините поради кои ги прогласував сите претходни вонредни состојби, сметам дека во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба. Според информациите од Владата, во изминатиот период се обезбедени доволни количини на медицинска и заштитна опрема и донесени се економски мерки за поддршка на националната економија, за кои постои покритие во буџетот. Во прилог на тоа говори и тоа што владата овој пат не достави формално барање за воведување на нова вонредна состојба.

Тука сакам да нагласам дека споредбите кои се прават меѓу претходните вонредни состојби и бројот на тогаш заразени и починати и актуелните бројки на заразени и починати, се без основа, затоа што реков и да повторам, ниту една вонредна состојба не беше воведена од тие причини. А, за мерките од типот – полициски час, карантин или кризна состојба на дел или на целата територија на државата, постои законска регулатива и воопшто нема потреба да се воведува вонредна состојба за да се применуваат тие мерки.

Друга заблуда која се пласира во јавноста, намерно или од незнаење е дека вонредната состојба има врска со датумот на изборите. Да појаснам со други зборови – избори може да се организираат и за време на вонредната состојба. Само треба владата, ако сака се разбира, во уредбата каде што стои – по завршување на вонредната состојба продолжуваат да течат изборните рокови, да напише – изборните рокови течат и за време на вонредната состојба и толку.

Почитувани,

Дозволете ми, сега, да се осврнам и на датумот за предвремените парламентарни избори. Јас знам дека најголемиот број од нашите граѓани не размислуваат за избори во време кога имаме пораст на заболени, меѓутоа, избори, и во време на корона, која нема да замине наскоро, се неопходни за да добиеме функционален, наместо распуштен парламент и легална и легитимна, наместо техничка влада.

На таа тема, во изминативе недели, имав комуникација со лидерите на политичките партии и комуникација со нашите стратешки партнери од меѓународната заедница. Власта и опозицијата се согласни дека на изборите мора да има набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Власта и опозицијата се согласни дека Државната изборна комисија во соработка со Комисијата за заразни болести треба да изготви посебни протоколи за безбедно гласање на граѓаните и безбеден престој во просториите за гласање на членовите на избирачките одбори и домашните и меѓународните набљудувачи. За жал, власта и опозиција битно не ги приближија своите ставови за датумот на изборите.

Тука ќе ми дозволите да предупредам на една потенцијална опасност и можен неповолен развој на настаните доколку се случи да организираме изборен процес кој нема да биде инклузивен.

Знаеме дека нашето општество е со години крајно поларизирано, по различни основи, говорот на омраза ги продлабочува разликите по политичка, етничка, верска и партиска линија. Од март оваа година се наоѓаме во комплексна здравствена криза заради пандемијата. Поради тоа што Собранието е распуштено, а, имаме недоволно разработена норматива за вонредни ситуации, имаме иницијални елементи на уставно-правна криза. Доколку не успееме да се договориме за транспарентен и инклузивен изборен процес тоа ќе значи влез во длабока политичка криза. Ако го погледаме поширокиот регион во кој се наоѓаме и обидите за негова дестабилизација преку хибридните закани и лажните вести, не можеме да исклучиме дека евентуалната правна и политичка криза нема да прерасне во безбедносна.

Од тие причини, сакам да упатам јавен повик до претседателите на најголемата партија во власта – Зоран Заев и најголемата опозициона партија – Христијан Мицкоски да седнеме уште денеска и да најдеме излез од оваа ситуација со ставање на државните интереси над личните и партиските. Во спротивно, само ќе ја отвориме вратата за уште поголема внатрешна криза, при што, нема само да ја доведеме под прашање нашата европска перспектива, туку, многу поважно, ќе ги поткопаме нашите напори да излеземе на крај со пандемијата за што ни е потребен јасен државен консензус и стабилни институции.

Почитувани,

Во изминативе три години направивме компромиси без преседан, не само за регионот, туку и за поширокиот демократски свет. Тие компромиси ни овозможија членство во НАТО и почеток на преговорите со Европската Унија. Кризите од вакви размери во светот често резултираат со обединување на луѓето околу заедничките цели и вредности. Нема ниту една единствена причина кај нас оваа криза да биде извор на нови поделби кои низ нашата историја сме ги имале премногу.

Благодарам.

 

https://www.youtube.com/watch?v=ETf31P8gPm8&feature=emb_title