Пет нови случаи на Корона вирус во земјата
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче информираше дека утрово беа тестирани 7 лица. Од нив, негативни се резултатите на 6 лица, а позитивен е резултатот на една пациентка која била прегледана на Инфективната клиника во Скопје. Пациентката е на возраст од 54 години, се вратила од Холандија, ноќта помеѓу 12-ти и 13-ти овој месец. Развила симптоми и денеска е јавена на преглед на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
„Најдени се сите контакти од семејството, таа била во домашна самоизолација, според нејзиното кажување и анкетата на епидемиолозите. Контактирани се членовите на семејството, возачот на таксито којшто ја возел од аеродром до дома, а во овој момент се контактираат уште 31 лице кои се вратиле со авионот, а кој пристигнал од Виена. Таа е со лесна клиничка слика и веќе е хоспитализирана. Со ова, бројката на сместени и хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје сега е 14“, изјави министерот Филипче.
Попладнево на Корона вирус се тестираа уште 10 други лица – 7 од Дебар, од кои 4 биле во контакт со заболените и истите се позитивни на вирусот, како и 3 по случаен избор кои се негативни.
Дополнително на Корона вирус се тестирале и две лица на Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје.
„Две лица кои имале симптоми на грип се јавиле во лабораторијата на Клиниката „Жан Митрев“. Тие биле спроведени по протоколот на болницата, земени се материјалите и тестовите се позитивни. Меѓутоа, ние тие тестови поради усогласување и унифицирање на методата на тестирање, во текот на утрешниот ден ќе ги тестираме во нашата лабораторија“, потенцираше Министерот.
Утре претпладне ќе се знаат резултатите на пациентите тестирани на Клиниката „Жан Митрев“. Во моментов состојбата во земјата е 23 потврдени случаи на Корона вирус преку лабораторијата на ИЈЗ Скопје.
На прес-конференцијата по завршувањето на обраќање на министерот Филипче, министерот за надворешни работи Никола Димитров упати апел до граѓаните да бидат храбри и смирени и да не се патува, поради како што рече крајно непредвидливата ситуација која се менува од час во час. Се затвораат граничните премини за странски државјани.
Тој исто така, апелираше и до македонските државјани кои имаат регулиран престој во трета држава во овој кризен период да не се упатуваат кон татковината.