„Петардите не се играчка“ – здравствено-превентивни активности на Црвен крст Охрид и СВР
Во рамки на своите здравствено-превентивни активности Црвен крст Охрид ја продолжува соработката со СВР Охрид-Одделението за превенција со акцент на превенцијата на ризиците предизвикани од употребата на пиротехнички средства.
Предвидено е утре, 21.12.2024 (сабота) на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ во Охрид од 12 часот, припадници на СВР Охрид-Одделение за превенција и волонтери на Црвен крст Охрид да делат едукативни материјали за опасностите и последиците од користењето на петарди и други пиротехнички средства, со нагласување дека употребата на пиротехнички средства се казнува.
Во рамки на активноста ќе биде изведена и симулациска показна вежба на повредени од експлозија на петарди со приказ на повреди на екстремитети од експлозијата и укажување на прва помош при таква повреда, од страна на парамедиците на Црвен крст Охрид.
„ПЕТАРДИТЕ НЕ СЕ ИГРАЧКА“ е пораката која организаторите на овој настан ја упатуваат до децата, но и до родителите, со апел за грижа за безбедни Новогодишни и Божиќни празници.
Вакви и слични активности во наредните денови ќе бидат реализирани и во дел од основните училишта во Охрид.
Црвен крст Охрид / 20.12.2024