Петкоска: 36.000 денари плата за наставниците и до 100.000 денари за универзитетските професори
Кандидатот за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во 5-тата изборна единица, Лидија Петкоска денес одржа прес-конференција на која претстави дел од приоритетите од новата образовна и научно-истражувачка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ.
„Квалитетно, модерно и ефикасно образование претставува стратешки приоритет на државата. Но македонското образование се соочува со бројни инфраструктурни проблеми, слаб квалитет според меѓународните тестирања, несоодветни образовни програми и недоволна мобилност. Затоа, новата образовна и научно-истражувачка стратегија што ВМРО-ДПМНЕ ја предлага ги издвојува следниве приоритети:
Зголемување на средствата за образование од 3,7% на 5% од БДП; Запирање на одливот на работоспособни кадри; Осигурување на квалитет во образованието преку поврзување на стандардот на квалификации и пазарот на трудот со образовните програми; Инфраструктурна изградба на образовниот систем; Покачување на платата на наставниот кадар за подобрување на нивниот стандард односно 36.000 денари плата за наставниците и до 100.000 денари за универзитетските професори.
Наша цел е да креираме инфраструктура за сите и затоа се обврзуваме на изградба и реконструкција на основни, средни училишта и факултети, како и реновирање на студентските домови.
На образованието неопходно му е потребно развој на централен електронски систем за интеграција на сите образовни институции и вмрежување со останатите образовни институции. И во моментов најважното – Национална дигитална платформа за далечинско и е-учење.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ исто така се обврзува на реформа на наставните планови и програми; Современо опремени училишта со дидактички, нагледни средства и техничка опрема потребни за реализација на модерна настава; Средно стручно образование во функција на стопанството и проширување на дуалниот систем на стручно образование по принципот учење преку работа на реално работно место; Отворање реални компании во средните стручни училишта; Професионална ориентација и кариерно советување на учениците; Намалување на административните обврски на наставниот кадар; Кариерно напредување на наставниците; Воведување на знаковен јазик како наставен предмет во средните училишта; Заштита и афирмација на македонскиот јазик во дијаспората; Закон за претшколска возраст и Закон за уметничко образование.
На 15 јули изборот е квалитетното и модерно образование.
14 за национална дигитална платформа за далечинско и е-учење.
14 за враќање на достоинството и повисоки плати на наставниот кадар.
14 за Обнова на Македонија!“ – истакна Петкоска.