Писмо: Да се отвори поширока дебата за начинот на доделување на највисоките општински признанија
Како одговор на некои шпекулации и инсинуации кои произлегуваат од одлуката на Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување награди и признанија при советот на Општина Охрид, за недоделување на Повелбата –Патрон на Охрид за 2015 година би сакал како нејзин Претседател да информирам дека:
Конкурсот за доставување на пријави за доделување повелба завршен е на 20 Ноември 2015 година и оваа година беше со најдолг рок за доставување на апликации. Комисијата согласно својата пракса закажа состанок на 24 .Ноември за отворање и увид во пристинатите апликации и побара од службите на Општина Охрид на состанокот на Комисијата да бидат донесени сите пристигнати апликации со оглед на фактот дека беа изминати сите рокови (и за испратените по пошта) за достава на истите. Во закажаниот термин во 13:30 часот на почетокот на седницата службите на Општина Охрид да ги донесат пристигнатите пријави. Пред членовите на Комисијата (еден од членовите пристигна со задоцнување) беа доставени 5 затворени плика со апликации од кои 3 беа насловени до Комисијата за доделување Повелба а 2 до Кабинетот на Градоначалникот со назнака за доделување Свети Климентова награда. Комисијата ,како и секогаш, апликациите кои се однесуваат на доделување на наградата, не ги отвора и бара да се препратат на адресираното место до Кабинетот на Градоначалникот. Комисијата (Претседателот) ги отвори трите доставени апликации за Повелбата и пред сите присутни трите кандидатурите една по една беа прочитани на глас. Следеше реакција на членовите на Комисијата дека прво е премал бројот на пристигнати апликации и дека од доставените и прочитани три кандидатури нема ниту една која се издвојува за да ги исполни условите и критериумите за доделување на Повелба согласно критериумите за доделување објавени во Конкурсот. Претседателот на Комисијата уште еднаш ги прочита трите апликаци и пред членот на Комисија кој пристигна со задоцнување и замоли уште еднаш да се даде барем еден аргумент дали некој од кандидатите може да се прогласи за добитник на Повелбата за 2015 година. Едногласна беше реакцијата на сите членови на Комисијата дека оваа година нема таков кандидат и дека Повелбата за 2015 години не треба да се додели и мора да се размисли за промена на начинот на доделување на признанијата. Отворено пред Комисијата од страна на Претседателот беше уште еднаш поставено прашањето дали тоа е дефинитивна одлука, дали има потреба од ново свикување на Комисијата по ова прашање и дали одлуката може да се сподели на јавноста. И тука членовите беа едногласни дека одлуката е дефинитивна и дека нема потреба од друг состанок но и дека нема потреба од спомнување на имињата на кандидатите со оглед на веќе донесениот едногласен став за недоделување на Повелбата. Ниту еден член на Комисијата не влијаеше на никој од останатите во донесување на Одлуката. Претседателот ја затвори седницата и Комисијата излезе со соопштение и изјави, по што беше изготвен и Ивештајот, потпишан и доставен до службите. Во записникот нормално стојат нотирани имињата на тројцата апликанти.
Како Претседател на Комисијата, стојам на мнението дека треба да се увидат причините за демотивираноста за аплицирање за Повелбата но пред се стојам на идејата дека принципот на самопријавување не носи веќе добри резултати и проблемите се провлекуваат години наназад и истиот треба да биде променет во иднина ,како и целата постапка за доделување на општинските признанија и за тоа ќе биде поднесен предлог за изработка на Правилник за начинот, процедурите и критериумите за доделување на општинските признанија со цел зачувување на нивото и реномето на истите. Би се согласил дека ваква одлука не е можеби пријатна, но еднаш реформите и во овој дел мора да се случат и да се отвори поширока дебата за начинот на доделување на највисоките општински признанија.
Тврдам дека сите членови на Комисијата (вклучувајќисе си себеси) одговорно и чесно и без никаков притисок и предумисла ја завршија својата работа, впрочем како што тоа одговорно го направија и во двете претходни години во овој состав. Се што е надвор од овие факти околу одлуката на Комисијата се само произволни или намерни шпекулации, невистини и инсинуации и некоректни памфлети со о малициозни намери во кои пред се како човек, кој до крај професионално и принципиелно работи во секоја од сферите, немам намера да навлегувам и кои еднаш мора да престанат во Охрид.
Дејан Пановски – Претседател на Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија при Советот на Општина Охрид
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.