Платежните агенции на Македонија и на Хрватска потпишаа нов меморандум за соработка
Денеска во Загреб, Република Хрватска во рамки на официјалната посета на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорите на Платежните агенции на Македонија и на Хрватска, Николче Бабовски и Матилда Чопиќ потпишаа нов меморандум за соработка. Овој меморандум е важен за Македонија, бидејќи на овој начин двете страни се обврзуваат да соработуваат на техничко и експертско ниво преку размена на искуства во делот на моделот на искористување на финансиските средства од европската ИПАРД Програма, моделот на директната финансиска поддршка како и организацискиот модел на искористување на европските фондови во делот на земјоделството, руралниот развој и рибарството.Хрватска како земја важи е позитивен пример за ефикасно искористување на европските фондови.
Во рамки на посетата на Хрватска, министерот Николовски имаше средба со министерот за земјоделство на Република Македонија, Томислав Толушиќ, на која што од хрватска страна беше понудена експертска помош во однос на зголемување на функционалноста на македонската Платежна агенција, нејзино кадровско екипирање, како и за моделот на ефикасна директна поддршка и искористување на парите од европската ИПАРД Програма.
„Република Хрватска има позитивни искуства во делот на искористување на европските фондови, и тука можеме да ви помогнеме. Ги знаеме сите проблеми со кои може да се соочите, добро е кога некој навреме ќе ви го каже решението. Може да очекувате помош од било која наша институција, од министерството и од Платежната агенција. Како држава од нас можете да имате голема помош во претпристапниот период“, изјави министерот Толушиќ.
Министерот Николовски, посочи дека искуството од Хрватска е добредојдено, бидејќи токму во овој период, македонската Платежна агенција се соочува со проблем во делот на кадровското екипирање, што влијае врз реализацијата на мерките од Националните Програми.
„Искуството од Хрватска се добредојдени за нас во овој период. Нашата Платежна агенција има проблем со дефицит на кадри, на што како Влада посветуваме сериозно внимание за екипирање на оваа институција која е важна за реализација на мерките од Националните Програми и ефикасно искористување на европските фондови. Развојот на земјоделството е еден од клучните приоритети на нашата Влада, а искуствата на Хрватска во овој сегмент ни се важни за креирање на идните политики за развој на земјоделството“, изјави министерот Николовски.
Двајцата министри на билатералната средба разговараа и за можностите за приватни инвестиции, како и за олеснување и унапредување на трговската размена со земјоделско-прехрамбени производи помеѓу двете земји.Во рамки на официјалната посетата на Загреб, министерот Николовски, присуствуваше и на конференцијата на Платежните агенции на Македонија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција,на која што директорите на присутните Платежни агенции ги презентираа своите искуства во делот на функционирање на оваа институција и искористување на европските фондови.