Платите на здравствените работници се зголемуваат за 5% со потпишување спогодба помеѓу министерството за здравство и синдикатот за здравство
Министерот за здравство д-р Венко Филипче и претседателот на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјала, денеска во присуство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев ја потпишаа спогодбата за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност, односно којашто ќе овозможи зголемувањето на платите на сите вработени во здравството за 5%.
Потенцирајќи дека еден од првите приоритети на Владата на Република Македонија е да се мотивираат здравствените работници и да обезбеди квалитетно здравство за сите граѓани, премиерот Заев истакна дека Владата одлучи да ја зголеми платата на повеќе од 19 илјади здравствени работници во земјата.
„Изразено во бројки, од следниот месец, средно медицинскиот кадар ќе добива дополнителни 1500-тини денари, докторите специјалисти на универзитетските интерни клиники на сметка ќе добиваат плус 3.756 денари, лекарите специјалисти во општите болници, 4.060 денари, а на докторите специјалисти на универзитетските клиники за хируршки болести почнувајќи од септемвриската, платата ќе им биде повисока за 4548 денари.
Кога на оваа сума ќе се додаде зголемувањето на надоместокот за прекувремена работа, дежурство и ноќен труд, сигурен сум дека тоа во значителна мера ќе ја подобри положбата на сите работници во здравствениот систем“, рече премиерот Заев.
Исто така, премиерот Заев посочи дека ова е само почеток. Бидејќи како што рече, целта на Владата и на Министерството за здравство е од сегашните околу 52 илјади денари, платата на специјалистите да достигне до 100 илјади денари.
„И на овој пат, за среќа, не сме сами. Македонија добива поддршка, помош и подадена рака од сите земји партнери, секако најмногу од Европската Унија.
Грантовите и финансиската поддршка коишто и сега ги добива Македонија од фондовите на Унијата за развој, ќе се зголемат неколкукратно по зачленувањето на земјата во ЕУ, вклучително и фондовите наменети за здравството.
Сето тоа ќе значи нови поголеми болници, повеќе средства во буџетите на болниците, повеќе пари за современи лекови, подобри здравствени услуги а со тоа и многу позадоволни пациенти“, додаде премиерот Заев.
Министерот за здравство, д-р Венко Филипче истакна дека зголемувањето на платите ќе започне да се применува со исплатата на септемвриската плата и тоа значи реализација на уште една точка од Програмата за работа на Владата на Република Македонија.
„Со потпишувањето на Спогодбата ќе се овозможи зголемувањето на платите на сите вработени во здравството за 5%, односно зголемување на основицата за пресметување на плата за вработените во ЈЗУ од 12.654 денари на 13.286 денари.
Потребните средства за зголемување на износот на најниска плата изнесува 469.935.384 денари на годишно ниво, а на месечно 39.161.282 денари за 19.123 вработени во јавните здравствени установи“, додаде министерот Филипче.
Во исто време, министерот Филипче ја акцентираше соработката со самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и посочи дека министерството за здравство во синдикатот најде социјален партнер.
Претседателот на здравствениот синдикат, д-р Љубиша Каранфиловски потврди дека денешното потпишување на спогодбата којашто овозможува зголемување на платите здравствените работници за 5%, е потврда за социјалниот дијалог со министерството за здравство, но пред се, како што рече тој, најголема придобивка од спогодбата ќе имаат докторите бидејќи се зголемува нивниот стандард.