По иницијатива на Министерството за култура, Владата усвои 10 заклучоци за заштита на Охридскиот регион
Министерството за култура, по последните случувања со градежните активности на локација, ресторан-дискотека Парк, предложи Информација до Владата за потребата за интегриран, координиран и синхронизиран пристап за заштитата на Охридскиот регион меѓу надлежните институции.
Согласно дискусијата, Владата ја усвои Информацијата поднесена од Министерството и донесе серија заклучоци за постапување, како и за зајакнување на работата на институциите од сите области, вклучително и од културата.
Имајќи предвид дека сите стручни дејствија кои се содржани во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион се имплементираат преку НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид и Управата за заштита на културното наследство,Владата донесе заклучоци со кои овие дејствија на Заводот ќе се реализираат во соработка и со претходно мислење од Националниот конзерваторски центар-Скопје.
Со цел, координирано одвивање на активностите за заштита на културното наследство во Охридскиот регион, Управата за заштита на културното наследство актите ќе ги издава по претходно мислење на Министерството за култура.
Заради обезбедување на стручност, Министерството за култура ќе формира комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство која ќе дава стручна помош за мислењата и за актите изготвени од Управата за заштита на културното наследство.
Околу актуелните случувања на локацијата на поранешниот ресторан Парк, а во насока на заштита на крајбрежјето на Охридското езеро, Министерството за транспорт и врски во рок од два дена ќе формира стручна комисија која ќе изврши увид во работата за Општина Охрид за процесот на издавање/спроведување на одобрението за градење на локацијата и за своите наоди да ја извести Владата на нејзината наредна седница;
Исто така задолжена е Општина Охрид да превенира градежни работи на посочената локацијата и во рок од два дена до Владата да достави Информација за важноста на одобрението за градба за локацијата на ресторан-дискотека Парк.
Владата ги задолжи сите надлежни министерства и инспекторати, во взаемна и постојана комуникација и преку давање на стручна помош да ги решаваат проблемите со светското природно и културно наследство на Охридскиот егион.
Владата им укажа на општините Охрид, Струга и Дебарца, одобренијата за градба да ги издаваат со извод од ДУП и од Планот за управување со Охридскиот регион.
Општините Охрид, Струга и Дебрца до донесувањето на новите урбанистички планови кои ќе бидат усогласени со Планот за управување, изградба на објекти или преземање на мерки на непосредна заштита со кои се нарушува интегритетот на културното наследство на Охридскиот регион, задолжително да се врши со издавање на заштитно-конзерваторски услови.