26/11/2024
Спорт

Победа за македонската репрезентација против Летонија

Македонската А репрезентација ја победи Летонија со 2:0 на гостувањето во Рига во шестиот натпревар од квалификациската група за пласман на ЕУРО 2020. Со трите бода од натпреварот, нашата репрезентација повторно е во игра за највисок пласман во конкуренцијата.

Имавме фуриозен старт на дуелот во Рига. Елмас, Пандев, Барди, Алиоски и останатите имаа лекција по фудбал за домашните во тој воведен дел од натпреварот. Си поигруваа со ривалите, лесно го освојуваа теренот и брзо стигнавме до 0:2, по што го спуштивме сидрото и не напаѓавме по секоја цена. Со оваа победа успешно се завери оваа септемвриска мисија на нашиот државен тим кој освои 4 бода, иако можеше и максимални шест по она извонредно издание во Беер Шева и дуелот со Израел (1:1).

По само пет минути Тричковски ја имаше првата закана, но неговиот удар Ванинс го со врвот на прстите го исфрли во корнер. Во 14. минута Елмас проби по левата страна, несебично го најде капитенот Пандев, кој со ефектен удар под пречка ја погоди летонската мрежа (0-1). Само три минути подоцна, Летонците не ја расчистија опасноста по уште една акција по левата страна, па Барди натрча и со прецизна дијагонала ја дуплира предноста (0-2). 

Летонците се заканија во 29. минута со ударот на Кигурс од далечина, но фудбалерот за врса биеше преку пречката. Една минута подоцна Трајковски го проигра Тричковски, кој излезе сам пред летонскиот голман, но се сплетка и пропушти голема шанса за трет гол. Во 32. минута минијатура изведе Елмас, но од изгледна позиција шутираше преку голот.

Вториот дел започна со шанса за Трајковски, чиј удар од непосредна близина заврши крај дирекот. Во 58. минута по иницијативата на Елмас и Алиоски, капитенот Пандев биеше од прва, но Ванинс од под статива ја исфрли топката во корнер. 

Во 83. минута домаќините ја имаа најзрелата шанса, но ударот на Гутковскис заврши над пречката од голот на Димитриевски. Без треперење и со многу рутина нашиот национален тим си ја заврши работата и впиша втора победа во квалификациите.