Почнува најновото фестивалско издание на „Струшки вечери на поезијата“
Со засадувањето дрво во Паркот на поезијата во Струга од страна на Ана Бландијана, годинашната добитничка на главната фестивалска награда „Златен венец“, претпладнево почна годинашното, 58. издание на светски реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“.
-Се чувствувам многу емотивно што ме поканивте да бидам лауреатка на овој фестивал. Не можам доволнода ви се заблагодарам за оваа покана и за оваа дружба и за можноста да го живееме сонот на овој поетски фестивал – рече лауреатката на прес-конференцијата што се одржа набргу потоа.
По прес-конференцијата, како дел од официјалната програма на годинашното издание во хотелот „Дрим“ беше отворена изложба на Сашо Блажес.
58-то издание на „Струшки вечери на поезијата“ ќе биде официјално отворено вечерва, во 20.30 часот пред Домот на култура во Струга. Покрај традиционалното читање на песната „Т`га за југ“ и обраќањето на директорот на фестивалот, Тодорче Тасевски, годинашното отворање ќе мине со првата „Поетска порака“, односно обраќање од истакнат македонски поет/поетеса. Идејата за овој новитет е да се потенцира важноста на поетите и моќта на поетскиот збор во делот на фестивалската програма, кој обично е резервиран за обраќањата на официјалните претставници на централната и локалната власт.
Честа да ја изрече првата „Поетска порака“ вечерва ќе ја има истакнатиот македонски поет и прозаист Влада Урошевиќ. Нему, по повод осумдесет и петгодишниот роденден годинава, во рамките на програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.
Програмата потоа ќе продолжи половина час подоцна, на истото место, со поетското читање „Поетски меридијани“.
Програмата ќе продолжи утре во 10 часот во Конгресната сала на хотелот „Дрим“ со Портрет на Зоран Анчевски, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за 2018 година.
Потоа, во 11 часот, исто така во Конгресната сала ќе отпочне поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци” за 2019 година. Тоа се Митко Гогов за „Скриено писмо“, Јовица Ивановски за книгата „Човек“, Наташа Сарџоска за „Крстна коска“, Билјана Стојановска за книгата „Стан што се распаѓа“ и Катица Ќулавкова за „Мои страсти, мои страданија“.
Следно на распоредот е доделувањето на наградата „Стојан Христов” за најдобра поетска книга од поет од дијаспората за 2019 година, по што ќе уследи симпозиум на тема „Исток/Запад: Балкан/Европа“
Во 16 часот во Конгресната сала во хотелот „Дрим“ ќе се одржи разговор на тема „Пирот, поет, скитник“, со Емануел Рембер, директор на Францускиот институт во Скопје.
Од 20 часот на истекот на реката Црн Дрим ќе се одржи настанот „Поетски портрет на Влада Урошевиќ“, а еден час подоцна ќе се презентира тематската антологија „Арката на Ное“, односно збирка песни од македонски поети за животните.
Во 22 часот утре на сцената на истекот на реката Црн Дрим ќе се одржи поетското читање „Кругови“, а потоа ќе се презентира „Дедлајна љубов моја“ на Владимир Лукаш – во соработка со ИНКА Струга.
Точно на полноќ во фоајето на Центар за култура ќе почне поетското читање „Ноќ без интерпункција“ и ќе биде отворена изложба „Скицерајки“ од Владимир Лукаш – во соработка со ИНКА Струга во рамки на „Раздримување“.
Голем дел дел од настаните на годинашниот фестивал ќе бидат пренесувани во живо на официјалниот YouТube канал.