Поддршка од Министерството за финансии на Холандија во реформите преку пренесување на искуства и знаења
Стручен тим од Министерството за финансии на Холандија од денеска е во работна посета на македонското Министерство за финансии, со што започнува засилена соработка помеѓу двете институции во контекст на поддршка и пренесување на искуства за реформите кои ќе се спроведуваат во даночната политика.
На средбата на тимовите на Министерствата за финансии на Македонија и Холандија присуствуваа и министерот за финансии д-р Драган Тевдовски и заменик министерката за финансии д-р Ширет Елези.
Минатата година во септември беше потпишан договор помеѓу министерот за финансии Тевдовски и министерот за финансии на Холандија Хероен Дајслблум за соработка на двете министерства. Договорот предвидува размена на знаења, искуства и информации за политиките кои ги спроведуваат министерствата и интензивирање на соработката помеѓу двете институции.