26/11/2024
Охрид

Поддршка за Средното стручно училиште „Св.Кирил и Методиј“ Охрид од Германската Амбасада

На 31 октомрви, амбасадорот Томас Герберих, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески и директорката на средното стручно училиште „Св.Кирил и Методиј“, Славица Костоска потпишаа договор за донација за опремување на училница по практична настава во висина од 5.589 евра.

Стручното училиште „Св.Кирил и Методиј“ образува кадри од медицинска и економска струка. Средствата од Германската амбасада ќе бидат употребени за набавка на надгледни средства за спроведување на практична настава на медицинската насока.

„Овој проект е заедничка соработка со Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески и Одделението за туризам и локален економски развој. Раководниот и проектниот тим на училиштето се залага постојано за унапредување на образовниот процес бидејќи учениците во ова училиште ја имаат единствената можност во градот да се образуваат во медицинската струка и целта ни е да образуваме кадри кои ќе го следат текот на модерните настани во медицинската област,“ – велат од училиштето.

Финансиската поддршка од Малите проекти од буџетот на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија има за цел унапредување на социјалниот и економскиот развој на земјата домаќин.