23/11/2024
МакедонијаОхридРегион/Свет

Подгответе се за метеорскиот дожд Персеиди!

Деновиве на небото над Северната хемисфера, може да се набљудува метеорскиот дожд Персеиди, појава која се случува секоја година помеѓу 17 јули и 24 август, чиј максимум се достигнува околу 9-13 август.

Оваа година, во Охрид и Македонија, Персеидите максимумот ќе го достигнат ноќта помеѓу 12 и 13 август кога се очекуваат дури до 150 метеори во еден час (просечно околу 2 до 3 метеори во минута).

Персеидите се едни од најбројните метеорски дождови во текот на годината, понекогаш достигнувајќи дури 200 метеори на час. Тие се поврзани со кометата Свифт-Тутл, која астрономите ја откриле во 1862 година. Записите за овој метеорски дожд датираат од пред 2.000 години.

Оние кои што сакаат да го набљудуваат овој метеорски дожд треба да изберат локација која е подалеку од светлината на населените места, а оние кои нема да се во можност да го набљудуваат овој настан на отворено, тоа ќе може да го направат преку интернет на веб-страната Slooh.com каде астрономите ќе дискутираат за Персеидите и ќе одговорат на прашања за метеорските дождови.

И покрај тоа што за овој метеорски дожд се верува дека е најголем/најброен, сепак најголемиот е метеорскиот дожд Леониди кој се случил на 12 ноември 1833 година со 100 илјади метеори на час, односно околу 30 метеори во секунда. Метеорската бура од 1833 година имала големо влијание врз сите што биле сведоци, а тоа било и почеток на модерната наука за метеорите.

WebOhrid